Граѓаните се откажуваат од аплицирање за ваучери за одмор поради сложената процедура и еден куп документи кои се потребни за аплицирање за добивање на ваучер за домашен туризам.

За да се достави барање за ваучер за одмор, потребно е навистина да се потрудиш, да собереш еден куп документи и да потрошиш половина од сумата која ќе ја добиеш од државата. Поради ова голем дел од граѓаните кои ги исполнуваат условите и кои планирале да аплицираат кога ги виделе условите се откажале. За аплицирање потребни се еден куп документи, изјава заверена на нотар, извод од матична книга на родени, извод на венчани, потврди од Агенција за вработување…. Тие велат дека сето тоа чини и потребно е да висат по шалтери, а рокот за доставување на барања е краток и трае до 30 јуни. Знаејќи ја брзината на администрацијата може да го пробијат рокот и сè да им биде џабе.

Сепак министерот за економија Крешник Бектеши не отстапува од процедурата и вели дека нема да има никакви измени во јавниот повик за ваучери за туризам. Вели дека заложбата на оваа Влада е транспарентност, отвореност и почитување на сите процедури.

– Ние не можеме без процедури да делиме ваучери зашто тоа се средства на сите граѓани во државата и на транспарентен начин треба да бидат користени како средства од Буџетот, рече Бектеши и додаде дека доколку има потреба дополнително ќе им се помогне на граѓаните со ниски приходи, а индиректно и на хотелските капацитети во нашата држава.

За добивање на ваучер за туризам не може да аплицираат домаќинства со двајца вработени со минимална плата, бидејќи сумата ќе го надмине износот од 30 илјади денари. Освен извод на родени и на венчани за разведени потребна е пресуда за развод од суд, а ако аплицира само во случај на смрт на брачниот другар треба да достави извод од матична книга на умрени. Освен тоа потребен е и извод од банка за последните три месеци и за лицето кое аплицира и за членовите на семејството, потврда од Агенцијата за вработување доколку имаат деца над 18 години, изјава заверена на нотар, пополнет образец, фотокопија од лична карта…

-Сакав да аплицирам, но кога видов колку документи се потребни се откажав. Дел од овие документи ги немам и треба да извадам нови, а за тоа ќе потрошам половина од парите кои ми ги даваат за одмор. Освен тоа треба да висам по шалтери, по институции, а знаејќи колку брзо работи администрацијата кај нас може и да го пробијам рокот и да не успеам да аплицирам, коментира на ФБ Александар од Скопје.

И Елена од Скопје вели дека досега како социјален случај аплицирала на повеќе огласи за субвенции кои ги доделува државата, но никаде не било потребно волку документација.

-Јас сум самохран родител и за да добијам ваучер за одмор треба да извадам пресуда за развод од суд и уште еден куп други документи. Затоа решив да не аплицирам и со парите што ќе ги дадам за нотари, заверки, вадење на документи ќе си отидам неколку дена во Дојран, вели таа.

Граѓаните за да добијат ваучер за туризам треба да наведат од кога до кога и во кој хотел истиот ќе го искористат. Меѓутоа и покрај тоа што огласот за пријавување на хотелите во кои ќе се користат овие ваучери заврши, сепак на страницата на Министерството за економија сè уште не е објавена листата на хотели во кои граѓаните можат да ги искористат овие ваучери.

Претходно хотелиерите реагираа дека и покрај тоа што вредноста на ваучерите годинава е двојно поголема од лани и изнесува 12 илјади денари нема да придонесат за зголемување на бројот на туристи и нема да имаат никаков финансиски бенефит врз туристичкиот сектор. Лани беа доделени 100 илјади ваучери, од кои беа искористени околу 60 илјади.

-Ако се претворат овие 1.250 ваучери во пари, тоа значи дека туристичкиот сектор годинава ќе добие 250 илјади евра што за една туристичка сезона не значи ништо. Доколку би се искористиле 100 отсто од ваучерите годинава, тоа ќе биде за 30 до 40 отсто помалку пари од лани, реагираа од Хотелската асоцијација на Македонија.

И покрај ваучерите, хотелиерите оваа сезона не очекуваат бум од туристи, бидејќи нашите туристи ќе заминат во Грција, Албанија, Црна Гора….

Годинава ваучерите ќе бидат во износ од 200 евра и ќе има само за 1.250 апликанти. Ќе се делат по принципот „прв дојден прв услужен“ или сè до искористување на предвидената сума за мерката.

(А.С.)