„Професор Мијалковиќ“ се поднови со нови кревети, столови, плакари, бироа…

104

Дваесет и шест ученици од селата од Кумановско и од соседните општини Крива Паланка, Кратово и Старо Нагоричане се запишале во прва година во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово, информираа од образовната установа. Вкупно, со веќе запишаните ученици од втора, трета и четврта година во ученичкиот дом од наредната учебна година ќе престојуваат 76 ученици.

Директорката на оваа установа, Љубица Павловски , информира дека новина е што после долг период сменет е мебелот во оваа образовна установа, полици, кревети, столови, во собите каде се сместени учениците и во просториите за рекреација. Таа додаде дека новиот мебел за ученичкиот дом го набавил Министерството за образование и наука.

– Во домот имаме нови 14 вградени плакари, 100 кревети, 39 работни маси за толкав број на соби, нови клуб маси, нови бироа и за учениците и за вработените. Варосано е исчистен е домот е подготвен за новата учебна година – изјави Павловски.

Установата е подготвена за прием и сместување на учениците кои одбрале да учат во една од насоките на петте средни училишта во градот. Надлежните оценуваат дека условите за изведување на настава и домување ги задоволуваат потребите на учениците.

Интернатот располага со библиотека, кабинети и простор за рекреација. Учениците добиваат и поддршка од професори за дополнителна настава  по предмети за кои имаат потреба. Сместувањето на учениците во ученичкиот дом го финансира Министерството за образование. Проектираниот капацитет на „Професор Мијалковиќ“ во Куманово е 120 ученици.