“Ќе ви откријам мала тајна. Мајката на мојата сопруга е роднина на Никола Бадев. Јас сум кавадаречки зет и најубавите македонски песни преку интерпретациите на Бадев ги сакам многу. Таков специфичен глас мислам дека никој немал во Македонија“, вели професорот и диригент Фи Фи Ле, кој долги години живее и работи во Скопје. Тој додава дека културата и менталитетот на македонскиот народ се многу блиски со виетнамскиот. “Македонскиот народ е дружељубив, гостопримлив и фамилијарен. Сите традиционални вредности се многу слични со азиските“, вели Фи Фи Ле

Вие сте професор и диригент кој потекнува од Виетнам, но долги години живеете во Македонија. Тука основавте семејство и тука работите. Кога за првпат дознавте за Македонија и како се случи да останете да живеете во нашата држава?

Јас студирав во Москва, на познатиот московски конзерваториум “Чајковски“ од 1987 до 1993 година. За време на студиите се запознав со многу студенти од екс Југославија, како и со сопругата, која ми беше колешка, виолинистката Лидија Добревска од Скопје. Се дружевме со неа и по студентските денови и секое лето ја посетувавме Македонија за време на распустот. Значи веќе од 1989 се запознав со Македонија за која пред тоа никогаш порано не сум слушнал. До моите студии во Москва знаевме само за Југославија, со која Виетнам имаше дипломатски односи. По завршувањето на конзерваториумот ние двајцата како млади музичари добивме покана од Македонската филхармонија да дојдеме тука да работиме и така и почна нашата кариера и живот во Македонија. Во 1997 година ни се роди синот Адам Лин Ле, кој сега има 24 години. Мислевме за почеток, доаѓаме да си ја пробаме среќата и така среќата станува Македонија. Кога дојдов тука работев седум години во Македонска филхармонија, после соработував како диригент со Македонска опера и балет, со Радио-телевизија, и од 2000 година станав професор во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј“, но паралелно продолжив да соработувам и како диригент.

Дали имавте проблеми да се навикнете на животот во Македонија и со какви потешкотии се сретнавте, во однос на јазикот, културата, начинот на живот?

Немав никакви потешкотии кога дојдов да живеам тука. Да дојдев директно од Виетнам можеби ќе имав, но јас учев во Москва и знаев одлично руски, но и англиски и француски. Културата и менталитетот на македонскиот народ се многу блиски со виетнамскиот. Македонскиот народ е дружељубив, гостопримлив и фамилијарен. Сите традиционални вредности се многу слични со азиските. Бидејќи знаете, и на Азијците на прво место им се семејството и пријателите. Со храната исто така Виетнамците јадат многу зеленчук, овошје и зачинета храна и таа е многу слична со македонската храна. Во однос на религијата, во Виетнам верата е будизам и тие се блиски затоа што ги учат луѓето да се сакаат и почитуваат.

И за културата сме исти, во македонскиот фолклор и народната музика има многу тага. И виетнамската држава била многу векови без независност, со окупатори од сите страни. Ние сме борбени народи и отсекогаш се боревме за слобода, за независност и сета таа тага влијае на фолклорот и народните песни.

Имав прво и голема поддршка од семејството на мојата сопруга, татко, мајка и сестра, бидејќи сепак бев сам тука. Во цела Македонија – само еден Виетнамец, амбасада нема, а добив голема поддршка и од колегите и никогаш не се почувствував осамен. Ете, едноставно чувствувам како да сум дома, а родителите на Лидија ги чувствувам како свои родители.

Успеавте ли сите овие години добро да ја запознаете државата и да кажете “имам омилени места кои сакам да ги посетувам и работи кои ме воодушевуваат“?

Иако живеам во Скопје, Охрид го обожавам. И цело време викам, ако имаше симфониски оркестар во Охрид, би се преселил таму да живеам. Охрид за мене е свет град во секој поглед, и за културата, здравјето, убавината и затоа би го издвоил. Македонија е полна со убави места кога се работи за природата, и се уште е многу природна, нема многу интервенции од човечка рака. Езерото е прекрасно и кога доаѓаат гости од странство, второто место за посета е Охрид. И препорачувам повеќе време да поминуваат таму. Она што не ми се допаѓа генерално е што некако последните десет години градот е под огромна офанзива на градби, што го нарушува мирот и спокојството на сите нас. Но, ми се допаѓа центарот со спомениците. Има убави места…

 Со глед дека музиката е Ваша професија, дали слушате македонска народна музика и што Ви се допаѓа?

Јас во принцип слушам секаква музика, а македонската е многу блиска до виетнамската народна музика, посебно традиционалната македонска и староградска музика. Дури и современите поп пејачи ги следам кога имам време Ќе ви откријам мала тајна. Мајката на сопругата е роднина на Никола Бадев. Јас сум кавадаречки зет и најубавите македонски песни преку интерпретациите на Бадев ги сакам многу. Таков специфичен глас мислам дека никој немал во Македонија. Од современите ми остана во душа Тоше Проески. Тој беше студент на ФМУ и сме имале и многу контакти и приватно и до денес сите негови песни ги слушаме и пееме.

Со оглед на пандемијата која трае повеќе од една година, како го поминувавте времето во изминатиот период. Дали сте оптимист дека работите повторно ќе се вратат на старо?

Прво и основно јас сум оптимист, но сигурен сум дека поредокот на светот никогаш нема да се врати како порано. Короната направи комплетна промена на светот во секој поглед. Изминатите година ипол со семејството многу добро го организиравме животот според ситуацијата со пандемијата. Намаливме максимално средби, имавме максимална самозаштита од првите денови до денес. Нам не ни сметаше што има полициски час бидејќи иако сме музичари имаме спортски дух. Го користиме секој ден за пешачење покрај Вардар, возиме велосипед, разгледуваме. Го проживеавме социјалниот живот многу мирно. Не ни е потребно постојано излегување во кафеани и кафулиња, ни недостасуваше само културниот живот бидејќи сè беше затворено. Бевме подготвени да ја пречекаме пандемијата доколку ни дојде дома.

Вие, за жал, бевте и еден од оние кои се заразија со коронавирусот, па дури бевте и на болничко лекување. Како се случи тоа и како го поминавте целиот овој лош период за Вас?

Изминатата година ипол држам часови по оркестар онлајн и секојпат на децата има викам чувајте се, носете маски, мијте раце, правете гаргара, пијте витамини и без дружење. Толку многу се чувавме и не знам како стигна тројцата во семејството истовременои да се заразиме. Не се среќававме и не одевме на гости со пријатели, роднини, по некоја средба на велосипед на кејот и толку. И на крај ни дојде дома вирусот. Мојот син Адам Лин Ле и сопругата поминаа полесно, за една недела. Јас десет дена имав висока температура 38,5 и добив совет од лекарите на државна Инфективна клиника дека мора да одам во болница да лежам за да спречат болеста да се спушти на белите дробови. Иако пред влегување бев скептичен поради ситуацијата, преполнети болници, немаше слободни кревети, но добив сосема друга слика. Докторите и персоналот толку многу се трудат околу пациентите, со натчовечки сили. Многу се грижат за пациентите и не знам како постигнуваат.

И докторите и сестрите работеа со голем елан. Многу сум им благодарен и крајно се професионални.

Ни дадоа голема психолошка поддршка покрај лековите и се трудеа со малку драгоцено време што го имаат на секое прашање да одговараат. Беа крајно хумани кон пациентите. Но помина, излечен сум и продолжувам.

Дали се појави поголема носталгија за родниот крај кај Вас?

Кога не си болен има голема носталгија, но кога си болен и кога е ковид во прашање бидејќи може да се случи најлошото, носталгијата е уште поголема. Ми недостасуваа мајка ми која има 88 години и сестра ми која живее во Париз, Франција. Но, јас споделувам сè на Фејсбук и добив поддршка од илјадници пријатели од цел свет. Покрај тоа имам пријател познат анестезиолог од Виетнам, кој ми даде морална поддршка и совети од прв до последен миг. Во Виетнам досега добро успеваа да се справат со пандемијата. Позитивните и сите што имаат контакти со нив веднаш се прибираат во специјални центри и заради тоа за година ипол има само неколку илјади заболени од стомилионска држава и само триесетина починати. Многу ригорозно се справија и народот е многу послушен.

Дали планирате скора посета на Виетнам?

Јас ги направив плановите на есен и зима да се вратам во Виетнам да ја посетам мајка ми која не сум ја видел една ипол година и да соработувам со виетнамски театри без да знам дека ќе бидам позитивен и со надеж дека ќе се вакцинирам до лето. Бидејќи сум прележан, сакам и да се вакцинирам за да бидам сигурен и секако, доколку ситуацијата дозволи во целиот свет.

Продолжувате ли и со вашата педагошка работа како професор и какви се Вашите планови за наредниот период поврзани со музиката?

Последните неколку години немам, за жал, толку тесна соработка со Македонската филхармонија и Опера и балет. Сметам дека би требало да продолжи соработката и да ги искористат моите квалитети и способности. Често соработувам со Србија, Косово, Албанија како стален гостин диригент. Инаку, заради ковидот сите мои планови за соработка со странски оркестри не се остварливи. Никој ништо не се договара однапред бидејќи не се знае што може да се очекува. Сите оркестри се со рестрикција, но сум спремен да дадам сè од себе за македонската култура и културниот живот. Роден сум во Ханој, главен град. Татко ми Хоанг Ван Ле е познат композитор. Тој за жал е починат пред три години на 88 годишна возраст, тоа е голема загуба за виетнамскиот народ, култура. Еден од најнаградуваните и признат со сите признанија за огромен труд и опус во симфониската музика, а мајка ми е педијатар.

Која е Вашата порака до музичарите, оние што допрва планираат да стапнат на музичката сцена и воопшто до уметниците? 

Нормално, педагошката дејност ми е основна работа во моментот. Работам со сите деца инструменталисти во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј“ кои еден ден треба да застанат на сцена да диригираат или да свират. Им давам часови по оркестар и со нив правиме концерти еднаш или двапати годишно. Секогаш им велам ако сакаш да бидеш добар музичар треба прво да си добар човек. Музиката, посебно класичната музика, треба да ја сакаш и да разбереш дека професијата е жртвување. Тоа е многу труд , до крајот на животот треба да продолжиш со вежби и работа. Ако во нашата професија си професионалец нема пензионирање. Постојано треба да се одржува форма.  Ги воспитувам и дека мора да си одговорен и чесен спрема себеси и својата работа, а резултатот ќе се види на концертите. Колку вложуваш толку добиваш, мора да работиш со душа бидејќи без душа нема уметност. Ликовната уметност исто така ја сакам, стално одам на изложби иако не знам да цртам. Но ме интересира фотографирањето и се занимавам аматерски со фотографија.

Даниела Трајковска