Протоѓер: Моето сведочење беше извадено од контекст – сакам да се знае вистината 

1106

Мартин Протуѓер, поранешен шеф на кабинетот на експремиерот Никола Груевски реагираше дека неговото сведочење во случајот „Плацевите на Водно“ било извадено од контекст од некои медиуми, кои погрешно пренесуваат дека ја потврдил тезата на обвинителката Лиле Стефанова во случајот, сведочејќи дека Груевски лично наводно му кажал оти купил плац од 10.000 квадрати.

„Практично таквиот контекст е тотално неточен и неприфатлив. Апелирам во интерес на вистината и јавноста, да се пренесат внимателно сите аспекти од моето сведочење од причина што бев доста внимателен во изборот на зборови, токму не сакајќи да се добие погрешен впечаток, а свесен за интересот на јавноста и политичкиот контекст во кој се ставаат овие сведоштва. Сè со цел да се помогне на судот и јавноста да ја дознаат вистината. За жал, ваквите наслови не придонесуваат во тој контекст им ги оправдуваат тврдењата дека се работи за политичка пресметка со некои од засегнатите страни на сметка на вистината“, се вели во реакцијата на Протоѓер.

Претходно и Никола Груевски реагираше на, како што ги нарече, „партиски мотивираните интерпретации на провладините медиуми“.

„Јасно е дека власта и обвинителството, она што не го добиле во судницата или не го обезбедиле како доказ, се обидуваат да го добијат како перцепција кај граѓаните, со помош на повеќе партиски диригирани медиуми, кои селективно пренесуваат, вадат од контекст, особено наслови, и прават сè да се создаде перцепција за нешто што не е така или не е кажано или докажано во судницата. Некои тоа го нарекуваат и медиумски линч. Обвинителството нема апсолутно никаков доказ дека јас сум купил, а подоцна и продал земјишта и сум купил станови за кои всушност постои писмен доказ дека се изнајмени. Ниту пак може да има доказ, бидејќи такво нешто не се случило. Во една таква ситуација тие се обидуваат да дејствуваат со сведоци врз кои имаат начин како да извршат притисок и уцена за да го кажат она што ним, на ова партиско контролирано обвинителство им е потребно“, стои во реакцијата која Груевски ја објави на Фејсбук.

Судскиот процес се води за плацевите што поранешниот премиер Никола Груевски на Водно ги купил за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги земал токму од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.

(И.С.)