Илјадници Израелци излегоа на улиците во Ерусалим синоќа, продолжувајќи со протестите со барање премиерот Бенјамин Нетанјаху да поднесе оставка во врска со обвинувањата за корупција и лошиот одговор на владата на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Демонстрантите протестираа на плоштадот „Ерусалим“ во близина на резиденцијата на израелскиот премиер во време кога на сила е третото по ред „заклучување“ на Израел поради зголемениот број заразени со Ковид-19.

Во Израел моментално се спроведува масовна вакцинација против коронавирус, во која повеќе од 20 проценти од населението во земјата ја добиле првата доза, а Нетанјаху во четвртокот рече дека државата обезбедила доволно вакцини за да се имунизира целата возрасна популација до крајот на март.

Нетанјаху е обвинет за измама, злоупотреба на доверба и мито во три случаи.

Израелскиот премиер претходно ги негираше сите обвинувања и рече дека е „ жртва на лов на вештерки“ од страна на непријателските медиуми, органите на прогонот и судството.