Протести во Брисел поради смртта на момче од африканско потекло

28

Демонстрантите во Брисел запалија полициска станица и возило за време на протестите поради смртта на 23-годишниот Ибрахим Бари од африканско потекло, кој почина откако беше приведен од полицијата.

Стотици граѓани во средата се собраа пред полициската станица, во северниот дел на Брисел извикувајќи „Животот на црнците е важен“, „Правда за Ибрахим“, „Полицајци убици“.

Тие фрлаа камења кон полициската станица, а полицијата возврати со водени топови. Потоа демонстрантите го запалија влезот на полициската станица и еден полициски автомобил и ги оштетиле банкоматите и продавниците во близина. На видеата од немирите се гледа дека демонстрантите со камења удриле и во возилото на белгискиот крал Филип, но засега не е познато дали тој бил во возилото. Неколкумина демонстранти се повредени и се префрлени во болница, а поголем број се приведени.

Бари беше приведен на 9 јануари бидејќи не се придржувал до рестриктивните мерки воведени поради пандемијата со ковид-19. Тој по еден час во притвор изгубил свест и бил префрлен во болница, каде и починал. Обвинителството покрена истрага за смртта на Бари.