Протестите во Израел не престануваат – демонстрантите немаат доверба во владата на Нетанјаху

60

Портпаролот на демонстрантите во Израел денеска изјави дека немаат намера да ги прекинат протестите против планот за реформи во правосудството и покрај најавата на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека привремено ќе го прекине.

„Ние немаме доверба во оваа влада“, рече портпаролот Надав Галон и нагласи дека владата не се откажува од реформата што ја бараат демонстрантите, туку ќе ја продолжи по одредено време, а тие дури сега размислуваат за некои регулативи, вклучително и формирање на „национална гарда за најекстремниот и најопасниот човек во државата Израел – министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир“.

„За жал, знаеме дека веројатно нема да има дијалог за работите на кои навистина треба да се работи во Израел: уставот, човековите и основните законски права и голем број други во корист на правосудниот систем. Има еден многу екстремен елемент кој има тенденција да го скрши тој систем“, рече Галон и нагласи:

„Ќе се бориме и протестираме додека не успееме.

Демонстрантите денеска ја обоија црвена водата во фонтаната во близина на градот Бат Јам, како симбол дека „Нетанјаху ја коле демократијата“.

Одложувањето на реформата, сепак, имаше ефект на намалување на тензиите по насилните масовни демонстрации и изразите на загриженост од сојузниците на Израел.

Конзервативната партија Ликуд на премиерот Нетанјаху денеска назначи тим за преговори со опозицијата вечерва во резиденцијата на претседателот на Израел, Исак Херцог.