Пропусти во процедурите на два дена го урнаа монополот на државната пошта

Во временскиот теснец за донесување еден куп закони или нивни измени во декември, Законот со кој се продолжи монополот на државната пошта се донесе неколку дена пред крајот на годината, но стапи во сила на 3 овој месец, што значи дека во првите два дена од годинава имавме целосно либерализиран поштенски пазар, а тоа беше можност за приватните пошти да склучат договори и за услугата која сега е резервирана за АД Пошта

178

Монополот на државната пошта продолжува до крајот на годинава, откако со законски измени либерализацијата на поштенскиот пазар уште еднаш се одложи. Ова беше петта година по ред како се пролонгира либерализацијата, на која освен Европската Унија инсистираат и приватните оператори, но и компаниите кои користат поштенски услуги.

Сепак, малкумина знаат дека за првпат во историјата на државата оваа година два дена имавме слободен поштенски пазар на кој рамноправно можеа да учествуваат и државната и приватните пошти. Во временскиот теснец за донесување еден куп закони или нивни измени во декември, Законот со кој се продолжи монополот на државната пошта се донесе неколку дена пред крајот на годината. Но, стапи во сила на 3 овој месец, што значи дека во првите два дена од годинава, од кои едниот беше неработен, имавме целосно либерализиран поштенски пазар.

– Приватните поштенски оператори, во тој кус период, имаа можност да склучат договори со компаниите за дистрибуција  на пратките кои се резервирани за Поштата на Северна Македонија. Ако некој успеал да го направи тоа, алал да му е, коментираат луѓе кои се добри познавачи на состојбите на поштенскиот пазар.

Тие појаснуваат дека таквите договори  би биле легални бидејќи законот со кој либерализацијата се одложуваше истече на 31 декември, а новото одложување  стартуваше дури од 3 јануари. Сепак, не веруваат дека такво нешто се случило, особено затоа  што два дена и тоа за време на празници се малку за такви големи зделки, но потенцираат дека приватните пошти првпат добиле таква шанса.

Инаку, со Законот за поштенските услуги е предвидено и покрај постоењето на 40 приватни поштенски оператори, Поштата на Северна Македонија  да има ексклузивност во цената на резервираните поштенски услуги кај пратките за коресподенција, како писма, поштенски картички и пратки на директна пошта, со тежина до 50 грама. И на приватните оператори им е достапна таа услуга, но мора да ја наплатат најмалку два ипол пати поскапо, со што всушност државната пошта се става во монополска позиција.

Укинување на ваквиот монопол, во неколку наврати, бара Европската комисија во извештаите за напредокот на државата, а неколку години по ред на тоа инсистира и регулаторното тело, Агенција за пошти. На либерализација од Агенцијата последен пат повика актуелната директорка Билјана Аврамовска-Ѓореска, која рече дека со уривањето на монополот на Пошта на Северна Македонија, која има право да разнесува мали пратки, вклучувајќи ги и сметките за комуналии по неколкукратно пониска цена од другите оператори, ќе се развие конкуренцијата на поштенскиот пазар, ќе паднат цените и ќе се подобри квалитетот.

Се огласи и Сојузот на стопански комори, во кој членуваат приватни поштенски оператори. Според ССК изгубените поштенски пратки, пречекорувањето на рокот на достава и застарените трендови за испорка, ќе бидат актуелни и годинава со оглед на тоа дека не се спроведуваат неопходните чекори за либерализација на пазарот на поштенски услуги во земјава.

-Условите за работа треба да бидат пазарно ориентирани, во услови на фер конкуренција компаниите кои ќе понудат поквалитетни услуги и подобра цена да можат да бидат застапени на пазарот. Во моментот крајните корисници не се задоволни од квалитетот на услугите што го добиваат, за што зборуваат и големиот број поплаки кои се евидентираат во извештаите на Агенцијата за пошти, вели извршниот директор во ССК, Александар Зарков.

Од оваа комора велат дека одложувањето на либерализацијата значи не само континуитет во намалување на квалитетот на поштенските услуги туку и забавување на имплементацијата на нови и современи трендови за брзина и сигурност на доставата.

(С.В.)