Обвинителството за организиран криминал и корупција го најде и вториот телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, за кој таа им рекла дека е загубен, соопшти Јавното обвинителство.

Телефонот бил пронајден со следење на ИМЕИ бројот со помош на мобилен оператор и лицето кај кое бил телефонот рекло дека го добило на подарок.

„По дадени насоки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден е пронајден вториот мобилен телефон на јавниот обвинител по кој се трагаше. По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен. Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на ИМЕИ- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, се вели во соопштението.