Во Домот на културата „Кочо Рацин“ (Нов салон), на 19 ноември (19 часот), ќе се одржи промоција на новата поетска збирка на Оливера Доцевска „Раѓање на денот“, во издание на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од Скопје. За поезијата на Доцевска ќе зборуваат Мишел Павловски и Марина Мијаковска. Пиеса во стихови од авторката ќе презентираат актерите Мики Јаневски и Симона Атанасовска.

Новата збирка поезија на Доцевска тематски се надоврзува на онаа традиција која го промислува односот меѓу општеството и поединецот. Новината во визијата на Доцевска е метафората на веќе создаденото ново време преку тешката преродба на поединецот, односно преку приказот на маките на сопственото раѓање видено низ призмата на натсвесностa.

Доцевска е член на Друштвото на писатели на Македонија од 2012 година. До сега ги има објавено стихозбирките „Илузија за сон“, „Портокалова“, „Сончица- Сончоглед  – Сунцокрет“ (тријазично издание на македонски, словенечки и српски јазик), „Cvetke iluzije“ (словенечки јазик), „Еден миг од времето“, „Естер Ихаз“. Автор е на низа преводи на македонски од англиски и српски јазик.