Посвојувањето деца како тема што отвора дилеми, желби, страдања, надежи, очекувања е приказната што ја нуди романот „Солзите на сестра ми“, на авторката Лилјана Зашова чија промоција ќе се одржи во Охрид.

На промоцијата на изданието предвидено за напладне во Големиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ извадоци од романот ќе чита актерката Славица Спасова, а на промоцијата ќе говорат и Гордана Змејковска, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и самата авторка Зашова.

Рецензенти на „Солзите на сестра ми“ се писателот и драматург д-р Сашко Насев и м-р Милчо Јованоски, новинар и публицист, вработен во охридската библиотека. Во рецензијата на романот Насев укажува на недостатокот од таканареченото белетристичко „женско писмо“, односно романи и белетристика од писателки во македонската литература.

“Романот има брзо и динамично сиже. По својата иманентна структура припаѓа на оној вид литература кој е социјално и психолошки ангажирана… Јазикот е лапидарен и разбирлив. Реченицата на Зашова е кратка и јасна, а „политкоректноста“ на современиот израз дури го прави достапно ова книжевно дело до пошироката публика затоа што лесно се разбира, ненаметливо и шармантно делува како запис во некоја епистола или, според книжевните теории, текстот е раскажан од супериорен наратор“, вели Насев во својата рецензија за романот на Лилјана Зашова. Како сопруга на дипломат Зашова има поминато повеќе години во странство – Лион и Стразбур во Франција и Букурешт во Романија. Своето искуство во дипломатијата го има запишано во нејзиното прво дело „Убавото однесување“ што досега доживеа две изданија.