Промоција на романот „Вошицки“ од Марко Грегур

57

Во Младинскиот културен центар, на 22 септември, во 20 часот, ќе се промовира романот „Вошицки“ од хрватскиот автор Марко Грегур. Промотор на романот, што е добитник на наградите „Фриц“ и „Владимир Назор“ во 2020 година, е Сашо Огненовски, кој е и преведувач на делото, а модератор ќе биде Јулијана Величковска.

-„Вошицки“ е роман за страдањето на оние што не можеле да бидат дел од ниедна власт, оние што знаеле дека можат да бидат верници само на својата посветеност како и на она што ќе остане и по војните и по политиката и по сите нас – книгата. Следејќи ја судбината на Винко Вошицки, овој роман ја следи мудроста на книгата и на нејзиното опстојување во времиња полни со хипокризија и омраза, времиња што по малку наликуваат и на денешните. Тоа е роман за бескрајот на страдањето на човекот чиишто книги останале како дел од вечноста. Винко (Винценц) Вошицки, натурализиран Чех во Копривница во виорот на турбулентната историја на првата половина од дваесеттиот век го живее проклетството на печатарот, на оној што ја документирал историјата што секогаш и со голема сила го удирала и се обидувала да го уништи. Грегур во овој роман зборува за историските пресврти што немале милост кон човекот, кој од петни жили се обидувал да преживее во околности и ситуации полни со смрт и деструкција, ќе посочи Сашо Огненовски.

Марко Грегур (Копривница, 1982) пишува поезија и проза, а добитник е и на повеќе награди. Ги објавил стихозбирката „Лирска графика“, збирките раскази „Пегличка во декември и „Убав ден за Дринкополи“, како и романот „Како изгоре пресветиот Тромбетасич“. Иницијатор е на фестивалот „Алпе Јадран фестивал за млади писатели“, член е и претседател на управниот одбор на меѓународниот литературен фестивал „Галовиќова есен“ и главен и одговорен уредник на списанието „Артикулации“.