Промоција на новата стихозбирка на академик Катица Ќулавкова „На врв на јазикот“

96

Новата стихозбирка на академик Катица Ќулавкова, „На врв на јазикот“, ќе биде промовирана на 6 јуни, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Наташа Аврамовска, а модератор Оливера Ќорвезироска. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, содржи 40 песни, поделени во седум целини: Забранета љубов, Копнеж по слобода, На врв на јазикот, Претечи, маченички (поетски драми), Неиспратени писма (меѓуциклус), Око соколово (трето око) и Годишни доба.

Во поговорот на книгата писателот и книжевник Венко Андоновски истакнува: – Како е можно со врвот на јазикот да се има синестетички пристап кон светот? Можно е, затоа што поетите знаат не само каде е врвот на јазикот туку и каде е неговиот корен. Тој е во душата. Со врвот на јазикот не се допира другиот, светот, туку сопствената душа, зашто јазикот почнува од душата. А таа гледа сè, слуша сè, допира сè, мириса сè, вкусува сè, затоа што е мудра, а мудроста е, како што пее Катица Ќулавкова, и над јазикот. Мудроста е јазик на јазикот, негова душа.

Катица Ќулавкова (Велес, 1951) е поет, есеист, теоретичар, раскажувач, препејувач и антологичар. Редовен професор (во пензија) по теорија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, редовен член на МАНУ (од 2003), член на Европската академија на науките (Салцбург, од 2014) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (од 2008). Има објавено над 40 авторски книги поезија, огледи и раскази, како и дваесетина приредени антологии, хрестоматии и критички изданија. Нејзини поетски книги се преведени на повеќе јазици.