Во фоајето на Националната опера и балет вечерва (6 декември), од 19 часот, ќе се случи една необична промоција на новата книга од авторката Александра Тодоровиќ.

Во ова книжевно наоѓалиште ќе го истражуваме Скопје и една градска љубов за која долго време никој не чул. Александра Тодоровиќ веќе добро ги запозна децата и нивните желби со својата претходна книга „Мистериозниот град под калето“. Сега истиот град ќе ни ги плени срцата со една поинаква приказна. Едукативна и интерактивна, оваа книга ќе го разбуди љубопитството и на малите и на големите деца и ќе нè заскокотка уште на самиот промотивен настан на кој ќе се сретнеме и ќе се забавуваме. Промотор ќе биде Зорица Црношија, а ќе има и специјален гостин кој ќе биде едно од изненадувањата на вечерта.

За Скопје вреди да се раскажува и прераскажува – Скопје е љубов заради вас, заради луѓето во него!

Александра Тодоровиќ (Филиповска – Јанковиќ) е македонска авторка, пред сè позната по книжевните светови кои им ги подарува на децата.

Родена е во 1980 година, во Скопје, каде што го завршува и средното образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“, а потоа дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“, на одделот за новинарство. Понатамошниот животен тек го продолжува по новинарските води, работејќи како новинар и водител во МТВ, една од најистакнатите телевизиски канали во Македонија. Додека се занимава со новинарството, паралелно ѝ се јавува желбата за пишување книжевни текстови, која и по осумнаесет години сè уште не згаснува.

Пред да се посвети на литературата наменета за деца, на македонски и англиски јазик ја објавува книгата „Македонска кујна“. Потоа во светот на децата стапнува со сликовницата „Митски суштества“, а во него се прославува со „Мистериозниот град под калето“ за која МАИ ја крунисува со Втора награда за најдобра книга за деца и млади во 2021 година. Поради едукативната содржина и идејата да се приближи историјата на градот Скопје до децата, а и до сите туристи, оваа книга се преведува на англиски и албански јазик.

Во 2022 ја објавува „Љубов голема колку Скопје“ (поддржана од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2021/2022) како продолжение на „Мистериозниот град под калето“. „Љубов голема колку Скопје“ е исто така интерактивна книга која опфаќа период на европски развој на Скопје, но и дофаќа еден друг аспект – се посветува на животните вредности како пријатлството, љубовта, единството врз кои се изградило Скопје по големиот земјотрес. Овие доблести и денес треба да продолжат да се негуваат. Тоа го можат новите генерации ако им го покажеме вистинскиот пат кој најдобро ќе го најдат благодарение на ваква литература.

И двете книги за деца се дел од серијалот „Скопје од А до Ш“ чија мисија ќе се заокружи преку книгата „Почувствувај го Скопје“.