Промоција на книгата „Viola arsenica; белешки за поезија“ од Влада Урошевиќ

32

Во Младинскиот културен центар, вечерва со почеток во 21 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Viola arsenica; белешки за поезијата“ од Влада Урошевиќ. Промоцијата се одржува во рамки на фестивалот на европската литература „Букстар“.

Промотор на изданието ќе биде Владимир Мартиновски, извадоци од книгата ќе интерпретираат писателите Ана Голејшка-Џикова и Иван Шопов, а модератор ќе биде Владимир Јанковски.

„Viola arsenica; белешки за поезијата“ е книга во која авторот ги искажува своите сфаќања за поезијата и поетската уметност, а се состои од извадоци од негови есеи, разговори, интервјуа, говори, автобиографски текстови, поговори. Во книгата се опфатени записи од целиот творечки живот на Урошевиќ. Првите текстови датираат од 1959 година, а некои од последните текстови се напишани непосредно пред излегувањето на книгата.

Во својот текст „Книга-библиотека или чудесна наука“, Венко Андоновски вели: „Сјајна е оваа книга, возбудлива. Не само затоа што и не е книга туку цела ‘зипувана’ библиотека (како што на микрочип со димензии 1 х 1 см може да се стави целата Вашингтонска библиотека) туку и затоа што може да се чита од секаде. Таа има безброј почетоци и безброј краеви (еден од идеалите на борхесовците во нарацијата): каде и да ја отворите, таа и почнува и завршува. Имате впечаток дека стоите, а се движите со брзина на светлината низ поетските галаксии. Освен тоа, ‘Viola arsenica’ може да ја чита дури и оној што не е познавач на поезијата. Таква е оваа книга, затоа што секогаш за тема на ‘белешката’ се зема детаљ, некоја навидум неважна подробност околу поезијата, а потоа во тој детаљ се огледува целината: сета вселена се гледа во едно поетско зрно“.

Влада Урошевиќ е поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Роден е во 1934 година во Скопје. Работел како соработник и уредник на редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје, а во 1982 година почнува да работи на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Влада Урошевиќ е член на МАНУ, на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Има објавено повеќе од 30 книги. Добитник е на бројни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Григор Прличев“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Стале Попов“ итн.