Промовирана илустрирана верзија на „Дневникот на Ана Франк“

241

„Можам да отстранам сè кога пишувам; мојата тага исчезнува, мојата храброст се раѓа“, вели Ана Франк во својот дневник кој претставува сведоштво за она што се случувало во периодот на холокаустот.

Создавајќи содржина од млади за млади, професорот Душко Стојановски од гимназијата Орце Николов и неговите ученички Мелани, Ана, Лина и Деница ја пренесуваат приказната за Ана Франк, со илустрации од нивните соученички Огнена и Бисера.

Во месец во кој се одбележува 75 години од возобновувањето на Еврејската заедница во нашата земја, во оваа идеја, шестте ученички од Орце Николов беа поддржани од издавачкиот центар „Херои“ и Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.

„Ја цениме приказната на Ана Франк и сметаме дека вредностите на хероите во неа треба да се пренесат во нашата околина. Токму затоа, решивме во формат попристапен за младите да ги пренесеме овие историски карактери кои ќе им помогнат да се изградат и да ги откријат и поддржат своите вистински херои од денешницата. Првиот објавен дневник пред седумдесет години стигна до милиони луѓе низ целиот свет, а со ова издание ќе стигнеме до илјадници млади кај нас и ќе ја доближиме оваа приказна до нив“, соопштија од издавачкиот центар „Херои“.