Промоција на две книги од Габриела Стојаноска-Станоеска

230

На 3 март (вторник) во 18 часот во кафе Концепт 37 ќе се одржи скопската промоција на двете книги на Габриела Стојаноска-Станоеска: научната студија „Кусиот расказ и сонот – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи“ и збирката раскази „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“.

За книгите ќе зборуваат промоторите академик Катица Ќулавкова, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, Добрила Грашеска (компаратистка и пејачка во „Чалгија саунд систем“) и издавачот проф. д-р Маја Бојаџиевска, а извадоци ќе чита: Тања Кузманоска (филолог по македонски и англиски јазик)

Збирката содржи шеесетина куси раскази, а има и такви кои се баш куси-куси.

„Повеќето раскази реалистички гледаат кон стварноста, под лупата на сетилата ги ловат и моментите вредни за живеење и уживање, секојдневните и посебните, но ги детектираат и дупките и шахтите во кои пропаѓаме секојдневно соочувајќи се со неправдите, болките, болестите и со неизбежната смрт околу нас, а и пред нас. Има и раскази кои се игриви, кои зацапуваат во меката сфера на фантастиката и скокаат на трамболината меѓу јавето и сонот, меѓу чудното и надреалното. Има раскази кои и ќе го насмеат читателот, и ќе го расплачат, а и ќе го шокираат. Сакам кога го изненадувам читателот со некој збор или со некоја тема, или со крајната разголена и храбра искреност на темата на какви што можеби и не бил навикнат во неговата досегашна лектира“, вели авторката.

Габриела Стојаноска-Станоеска (1978) е авторка која живее, работи и твори во Прилеп. Дипломира и магистрира на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзините раскази се наградувани на повеќе конкурси, меѓу кои: прва награда на конкурсот за краток расказ на „Студентски збор“, два пати прво место на двата последователни циклуси на конкурсот за краток-краток расказ на интернет порталот Окно, откупна награда на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ и др. Застапена е со расказ во антологиите: Contemporary short story, BEST of Sarajevo Notebooks II., „Сто македонски раскази“ (Тренд, Феникс, Скопје), „Електролит 2007“ (Темплум, Скопје), „Приче за понети“ и „Најкраħе приче 2008“ (Алма, Белград), во малата антологија на современата македонска микрофикција „Летаат приказни“ (2019) и други.

Работи како наставничка по македонски јазик во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп. Повеќе години била хонорарен уредник, а од 2018 г. е главнa и одговорнa уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

М.С.Т.