Во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ во Скопје утре (22 септември,  12 часот) Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“, ќе ја промовираат колекцијата од дваесет и два романа од академик Божин Павловски. Со овој издавачки потфат се одбележуваат два јубилеја на авторот: 80 години од раѓањето и 60 години плодно творештво.

За богатиот романескнен опус на Божин Павловски и за неговата повеќедецениска општествена и културна мисија ќе говорат академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, и Гоце Смилевски, наш врвен романсиер и есеист.

Во исто време со издавачкиот потфат на МАНУ и „Матица македонска“, „Грифин прес“ во Австралија на англиски јазик, во редакција на Бредли Досон, ги објави романите на Павловски во печатена верзија, а глобалниот издавач „Киндл букс“ ги презеде за дигиталниот пазар.

Академик Павловски е добитник на меѓународните признанија: интербалканската награда за книжевност во Грција, интернационалната награда „Екселзиор“ за унапредување на европската проза во Романија, меѓународната награда „Арка“ во Србија, како и двете признанија од времето на југословенската федерација: наградата „Железара Сисак“ во Хрватска и наградата „Младост“ во Србија.

Добитник е на националните награди: Рациновото признание, „Стале Попов“, „Кочо Рацин“ и „Духовен воин“, а во 2008 му беше доделена највисоката државна награда „11 Октомври“ за животно дело во уметноста.

За неговото творештвото се објавени многубројни есеи во повеќе земји, како и пет книги со критичко-есеистички толкувања.