Промоција и јавна расправа на „Националните финансиски политики во културата наспроти економско-социјалните услови за работа во независниот културен сектор”

40

„Националните финансиски политики во културата наспроти економско-социјалните услови за работа во независниот културен сектор” е документот за јавни политики во авторство на Бранимир Јовановиќ кој ќе се промовира со јавна расправа во КСП „Центар Јадро“. Промоцијата ќе се одржи на 10 февруари (петок), со почеток во 12 часот во просториите на „Центар Јадро“ (ул. Алберт Ајнштајн, бр. 1 – поранешната месна заедница Дане Крапчев во Дебар Маало).

Во разговор со Јовановиќ, на промоцијата ќе земe збор и културниот работник и активист Теодор Целакоски (Хрватска). Дискусијата ќе ја модерира културната работничка и историчарка на уметност Тијана Ана Спасовска.

Публикацијата посочува во кои аспекти од финансирањето државата потфрла и кои се следните чекори што треба да се преземат за надминување на критичната состојба во независниот културен сектор, кој се наоѓа во трајно прекарна состојба. Првиот дел од документот е посветен на анализа на државните буџети за култура, додека вториот се фокусира на годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2021 и 2022 година.

Јадро – Асоцијација на независната културна сцена, како актер кој веќе 10 години будно следи и се застапува за подобрување на условите на независната културна сцена, го издаде овој документ за јавни политики со кој се анализира државното финансирање во културата со цел појасно застапување за достоинствени средства за вложување во одржувањето на независната културна сцена.