Промоција во МКЦ: Албум „Синестезија“ на гитаристот Волчев

53

Во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар на 21 февруари, со почеток од 21 часот, ќе се одржи концертна промоција на дебитантскиот албум „Синестезија“ на гитаристот Кристијан Волчев.

„Авторскиот материјал на Волчев содржи ритмичка комплексност, надополнета со перкусивни елементи отсвирени на гитара. Албумот се состои од десет песни. Идејата е со секоја песна да се доживее синестезија, односно звукот да добие боја. Во десетте песни, две се реаранжмани на македонски народни песни – ‘Со маки сум се родила’ и ‘Јовано, Јованке’. Темата на албумот е ‘The Nihilist’, како што е именувана и песната која веќе има видеозапис. Нихилизмот вели дека постоењето е бесцелно. Но, албумот е приказна за надминување на овие размислувања. Инспирацијата е личното искуство на авторот трагајќи по одговорот за постоењето во материјалниот свет“, стои во најавата за промоцијата на која Волчев ќе биде придружуван од Антоние Весковски на перкусии.

Гости на овој настан ќе бидат D.S.H. или Иван Петровски – гитара, Филип Димишковски – пијано, Дејан Митровиќ – контрабас и Виктор Филиповски – тапани.