Промовиран „Протокол за спречување и постапување во случај на насилство“ за средните училишта

78

Раководителката на Секторот за образование, Даниела Адамова и Активот на стручни служби на средните училишта на Град Скопје денеска во салата на Советот на Град Скопје, одржаа работен состанок и го презентираа документот „Протокол за спречување и постапување во случај на насилство“, којшто во иднина ќе се имплементира во сите средни училишта како заедничка платформа за унифицирано постапување на училиштата, нивна меѓусебна соработка и координација при појава и спречување на училишно насилство.

Како што информираа од Град Скопје, основна цел на овој документ е да едуцира и креира безбедна средина за сите членови на училишната заедница, во која секој ќе се чувствува добредојден, безбеден, ќе може да ги ужива своите човекови права и да го исполни својот потенцијал, обезбедувајќи еднакви можности за сите.

Дополнително, целта на овој документ е во случај на потреба за постапување да го дефинира постапувањето и реакцијата при појава на насилство, да работи на реинтеграција на жртвите и насилниците и да ја унапреди свесноста на сите засегнати страни во училиштата за присуството на насилството, промовирајќи безбедност и сигурност за сите.

Овој сеопфатен правилник за справување со училишното насилство, се надоврзува на претходно донесените механизми и протоколи за работа во услови на криза и насилство кои се применуваа во училиштата.

На овој начин се обезбедува континуитет на политиките на Градот Скопје и на средните училишта во негова надлежност за активно справување со безбедносните проблеми, кои добиваат различна појавност низ годините и бараат различни и комплексни одговори за нивно надминување.

Крајната цел е создавање безбедни училишни средини како основен предуслов за учење и развој на учениците.

Протоколот за спречување и постапување во случај на насилство беше изготвен од стручните соработници од средните училишта со активна партиципација на учениците, а во рамки на проектот „Не! Насилство“ имплементиран од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој со финансиска поддршка од Агенцијата за млади и спорт, во соработка со 10 средни училишта на Градот Скопје и тоа: СУГС „Орце Николов“ ; СУГС „Марија Кири Склодовска“ ; СГГУ „Здравко Цветковски“ ; СУГС „Георги Димитров“ ; СУГС „Никола Карев“; СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ ; СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ ; СУГС „Цветан Димов“ ; СУГС „Кочо Рацин“ ; СУГС „Димитар Влахов“.

Покрај изработениот протокол, во рамки на проектот беа спроведени и обуки за јакнење на капацитетите на училишните психолози и педагози, како и на ученици, за препознавање и постапување во случаи на насилство.

Дополнително, во рамки на обуките беше креиран и модел за анти-булинг клуб кој понатаму би можело да се имплементира и во сите средни училишта на Градот Скопје.