– “Водена приказна“ е нашиот штит од новите напалм бомби и од обидите да ни се затре и племето и семето. Пред нас е антологиско дело без кое македонското утре ќе биде едноставно незамисливо. Ние, Македонците, заедно со сите обесправени народи на светот, ќе немаме светла иднина, без експлицитните сознанија за своето минато, како оние опишани во „Водената приказна“! -, рече меѓу другото, проф. д-р Јана Илиева од културниот центар „Стерна“, на промоцијата на книгата

Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, деновиве беше промовирана книгата „Водена приказна“, најновото писание на новинарот, публицист, прозаист и сценарист Александар Кукулев. Преку оваа современа приказна за последиците од Граѓанската војна во Грција, горчливиот вкус на поразот и тажниот спомен за илјадниците раселени остануваат, оттргнати од заборавот. Писателот, пак, многу пластично, низ историски легенди како пример, ја отсликува вековната борба на Македонецот за создавање своја сопствена држава, користејќи ги како урнек болните страдања и одделни лични македонски судбини, но и современото живеење на Македонецот во Грција. Книгата е нов наслов на културниот центар „Стерна“.

– “Водена приказна“ е нашиот штит од новите напалм бомби и од обидите да ни се затре и племето и семето. Пред нас е антологиско дело без кое македонското утре ќе биде едноставно незамисливо. Ние, Македонците, заедно со сите обесправени народи на светот, ќе немаме светла иднина, без експлицитните сознанија за своето минато, како оние опишани во „Водената приказна“! -, рече меѓу другото, проф. д-р Јана Илиева од културниот центар „Стерна“, на промоцијата на делото, за кое како што додаде, верува дека „ќе стане неодминливо четиво во осознавањето на спомените од не така далечната македонска историја“. Според неа, со оваа книга „им покажуваме на сите оние што сакаат да нè премолчат, дека постоиме, дека тука сме и дека треба многу добро да нишанат ако сакаат да исчезнаме“.

– “Водена приказна“ е агонична слика, болка што не поминува, солзи што не престануваат, но „Водена приказна“ е и мотив и надеж која последна останала во Пандорината кутија, која, за жал, пред неколку години е повторно отворена – истакна Илиева.

Професорот Александар Даштевски, пак, го нарече Кукулев светски писател, споредувајќи го со светски писателски пера од теркот на Роберт Ладлам, бидејќи „кога пишува, навлегува во настани и ги опишува во детали…“

– Ова дело ме изненадува, бидејќи ретко кој се осмелува да пишува за овој период од македонската историја. Кукулев успеа да ни ги доближи тие јадови и тие болови на луѓето што живеат таму. Се работи за вистински приказни, кои лично му се случиле. Додека ја читаме книгата, и самите влегуваме во приказната и почнуваме да сочувствуваме со ликовите чија историја ја опишува. Тоа се факти, a на тие географски предели ништо пред тоа и потоа не е преземено. Луѓето што живеат таму, се западнати во агонија и сè уште живеат како да се одделени од овој свет. Тоа е, всушност, нашата судбина, бидејќи сè уште голем дел од нашите луѓе живеат таму. Затоа треба да се зборува за тоа – вели Даштевски.

Тој додава дека и кај нас, во меѓувреме, се случиле многу работи.

– Се бара од нас да се откажеме од историјата, од јазикот, од личностите, дека сме творба од АСНОМ, што не е точно, за што говори и оваа книга… А во 21 век и по 70 и повеќе години од случувањата во Грција, не треба да се чувствуваме загрозени за нашиот идентитет, туку треба да сме над тоа. Затоа овие луѓе кои живеат на овие простори, кои се наши браќа, треба да зборуваат за нашето минато – ќе посочи Даштевски.

Софија Граматова-Ристовска, пак, меѓу другото, истакна дека „Водена приказна“ е роман кој не се чита во еден здив, туку го остава читателот без здив поради тешките сцени опишани во него.

На промоцијата, силни емоции кај присутните изнудија фрагменти од книгата што беа прочитани од самиот автор, но и од актерот Андреј Серафимовски. Претходно, во интервју за весникот ВЕЧЕР, Кукулев посочи: „Мојата ‘Водена приказна’ не е патетичен поглед на една преџвакана историска вистина, туку трезвен осврт кон нас самите и една поинаква опсервација на страшните лузни од минатото, кои сè уште остро нè заболуваат при промена на времето“.

Александар Кукулев пишува поезија, проза и филмски сценарија. Автор е на поемата „Jazz“, а „Водена приказна” е негов трет роман. Неговите два претходни романа, „Како избравме американски претседател“ и „Патувањето на Петар Келемен“, беа вистинско откровение за македонските читатели. Добитник е на бројни награди и признанија од областа на публицистиката и на литературата. (Д.Т.)