„Волшебното патување на Простор и Време“ е насловот на сликовницата на авторот Мирко Трајановски и илустраторот Кристијан Јованоски, чија завчерашна промоција во Кинотеката побуди голем интерес кај најмладите, но и кај нивните родители. Сликовницата е добитник на третата награда за најдобро ликовно-графичко уредување според Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на годинашниот Саем на книгата.

„Виножитото е порака, шаренилото е смисла, зеленилото е перспектива. Ова се и ликовните обмислувања на самата приказна како текст. Така што тоа виножито е и волшебната градина во која се читаат/раскажуваат и слушаат најубавите и највозбудливи приказни, но и небото полно со ѕвезди, па и целиот космос, сиот простор и време потребно да (се) порасне едно дете. Емоциите излегуваат не само од просторот и времето во илустрациите туку и од експресијата на сите детски ликови. Така, Кристијан Јованоски успева да ги покаже и радоста кога децата ги слушаат приказните и тагата кога сфаќаат дека нема повеќе да слушаат приказни, но и зачуденоста, вознемиреноста и стравот дека ако во најскоро време не научат да читаат, тогаш ќе останат без своите омилени приказни“, посочува за сликовницата рецензентката, проф. д-р Мојсова-Чепишевска.

Ова е прва книга на издавачката куќа „Софија“ – Богданци во нејзината едиција „Џагор“, специјализирана за уметничка сликовница за деца.