Промовирана монографија за тетовската музичка група Серенада

102

Во Тетово вечерва беше промовирана монографијата „Серенада-музичка метафора” од Диме Оклевски-Окле, посветена на 40 години од формирање и творештво на тетовскиот музички состав Серенада. Авторот е воедно и еден од членовите кои четири децении е дел од групата.

Од маалско дружење настана Серенада. Ние се собиравме во маалото и пеевме навечер кај професорот по музика, Андро Апостолски. Некој од соседите му рекол прибери ги децата во хор, не можеме да спиеме навечер, затоа што до доцна сме пееле. Така и тој не повика во друштвото „Иљо Антески-Смок” каде членувавме во пејачка секција, хорот и во музичката група. Така почнавме, а најзначајното за Серенада е што ја негуваше и зачува тетовската страоградска песна, изјави авторот.

Монографијата има 104 страници, а изработени се и два видео записи со фестивалски и староградски песни.

-Значајно за монографијата е што има и историски информации за музичките групи во Тетово изминатите децении, кои настапувале паралелно со нас, голем број се застапени со слика и податоци, рече Оклевски.

На промоцијата зборуваше и писателот Јован Дамјановски, а беа изведени најпознатите песни на Серенада.