“Книгата ја прочитав двапати. Еднаш ја прочитав и се смеев од срце. Феноменална книга, извонредно напишана. Но вторпат, кога ја прочитав – се изнаплакав. Плачев затоа што реално ги сфатив работите. Ова е најтажната книга, бидејќи зад хуморот се крие тажна приказна. Зборува за животот и за нас, дека сме добри, но како дојдовме на ова дереџе. Книгата ми го тргна пердето од очите. Можевме да живееме подобро, можевме да направиме подобро, можевме сè подобро…“, изјави ТВ и радио-водителот Јанко Илковски на промоцијата на книгата, додавајќи дека со нетрпение очекува да ја види и претставата чија премиера е на 15 декември во МНТ

 

“Торонто експрес“ е наслов на најновата книга на авторот Зоран Спасов-Ѕоф, но и на новата претстава на Македонскиот народен театар, за кои деновиве наголемо се зборува во јавноста. За оние кои досега не ја прочитале книгата, која всушност претставува “апдејт“ на првото дело на Спасов, збирката есеи “Тибам штркот“ издадена во 2008 и едно од најчитаните текстови таа година, завчеравечер беше одржана промоција од страна на книжарницата Литература.мк во „Ист гејт мол“ во Скопје, настан кој привлече голем интерес меѓу љубителите на пишаниот збор, но и театарот. Претставата, пак, во режија на Јордан Симонов, со Александар Микиќ во главна улога, својата премиера ќе ја има на 15 декември, и како што велат повиканите во случајот: “Претставата е инспирирана од самата книга. Има работи кои ги нема во книгата и обратно, па ако сакате да сте комплетни треба и да ја прочитате книгата и да ја гледате претставата“.

“Книгата ја прочитав двапати. Еднаш ја прочитав и се смеев од срце. Феноменална книга, извонредно напишана. Но вторпат, кога ја прочитав – се изнаплакав. Плачев затоа што реално ги сфатив работите. Ова е најтажната книга, бидејќи зад хуморот се крие тажна приказна. Зборува за животот и за нас, дека сме добри, но како дојдовме на ова дереџе. Книгата ми го тргна пердето од очите. Можевме да живееме подобро, можевме да направиме подобро, можевме сè подобро…“, изјави меѓудругото во свој стил ТВ и радио-водителот Јанко Илковски на промоцијата на книгата, додавајќи дека со нетрпение очекува да ја види и претставата.

Самиот автор на книгата која беше доволна инспирација и за театарска претстава, за својата книга вели: “Ова дело е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа, да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија…“

“Книгата и претставата имаат допирни точки, но крајот е различен и во претставата се измислени нови ликови… Затоа треба и двете да се доживеат. Посакувам барем да има четири тиража и двеста претстави“, кажа авторот Зоран Спасов -Ѕоф на промоцијата.

Инаку, книгата како и неговото претходно дело “Тито, мојот претпоследен херој“, кое имаше голема популарност, е во издание на Попули, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е со илустрации на популарниот стрип-илустратор Тхе Мичо. Пишувана е на скопски сленг, кој според авторот сè помалку се слуша на скопските улици.

“Тие што ја прочитале знаат, но тие што допрва ќе ја читаат ги очекува едно возбудливо патување од Македонија до Канада. Книгата во фокусот го има модерното печалбарство и може да се каже дека е водич за сите идни печалбари и сите сегашни мигранти, и на еден забавен и многу суптилен начин авторот ги раскажува своите искуства“, велат од Литература.мк.

Актерот Александар Микиќ, пак, кој исто така присуствуваше на промоцијата посочи дека најинтересно од сè е што книгата ‘Тибам штркот’ ја прочитал уште на времето, (додека Спасов-Ѕоф бил во Канада) и многу му се допаднала.

“Едноставно добив желба истото тоа дело да го преточиме на сцена. Помина долго време од тогаш, но конечно дојде време“, додаде Александар Микиќ, кој беше и главен иницијатор за претставата “Торонто експрес“, во која тој го игра ликот на Божо Вампир.

“Целата приказна е дека ‘Торонто експрес е агенција за посредување на иселенички визи која врши презентации за Kанада и врбува луѓе да одат таму на работа. Им средува документи за визи за одредена надокнада. Но, човекот што треба да го прави тоа, Митре Стрелата е во изолација и му се јавува на својот баџанак Божо Вампирот да го замени и да направи презентација во Македонија. Тој нормално прифаќа, бидејќи човекот многу му се нашол во животот, но е неподготвен за целата работа бидејќи му беше кажано дека треба само да пушта слајд шоу… Еден куп работи го изненадуваат и тој се обидува со свои зборови да ја опише Канада…“, открива за весникот ВЕЧЕР, Микиќ. Тој на прес-конференцијата одржана претходно истиот ден, кажа и дека имало голем проблем книгата да се адаптира, поточно што да се одземе, а што да се достави во претставата во која истакнува дека има и повеќе приказни кои ги нема во книгата, а кои се имплементирани во самата претстава.

„Решивме да се занимаваме со проблемот зошто луѓето си одат од Македонија. Мислам дека со приказната за Канада станува комплетно јасно зошто луѓето ни бегаат“, истакна Микиќ.

Претставата ќе има репризи на 16 и 20 декември на малата сцена на МНТ. (Д.Т.)