Промовирана книгата „Историјата на образованието и просветата во Крива Паланка“

42

Во Крива Паланка денеска беше промовирана книгата  „Историјата на образованието и просветата во Крива Паланка“ од проф.д-р Јордан Михајловски.

Настанот се одржа на конакот во манастирскиот комплекс Св.Јоаким Осоговски во Крива Паланка, а промотор беше проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература.

– Нашите констатации одат во насока на тоа дека со оваа публикација се добива една исцрпна историја на школството и просветата во Крива Паланка со сите трансформации до преминот кон современо световно образование, доживувајќи го градот како простор низ кој истовремено поминуваат времињата и луѓето со сите своите јавни манифестации, се редат општествено-политичките промени и во чиј јавен градски простор се мешаат и се судираат лингвистиката, историјата, политиката, економијата, културата… Сметам дека сите граѓани на Крива Паланка треба да бидат поттикнати од желбата да научат нешто повеќе за градот и за неговата историја, за воспитно-образовните системи, за културните процеси, за менталитетот на жителите, за да можат, осознавајќи го нивното значење, да дадат и свој влог во иновативните процеси за нејзин современ едукативен и економски развој, рече Јакимовска-Тошиќ.

Како што вели и во предговорот на книгата, авторот Михајловски со ова фундаментално остварување ја реализира својата интенција научно да го прикаже дијахронискиот континуитет на севкупниот образовен систем на Крива Паланка во сите периоди од неговиот развој, со што би се детерминирал неговиот духовен и интелектуален капацитет, нешто што самиот тој го доживува и како роднокрајна должност, но и како долг кон историјата.

Според Михајловски, духовната рамка на кривопаланечкиот цивилизициски простор се потпира на три суштински елементи: манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, согледан преку христијанскиот ритуал на живеење, дејствувањето на првото ќелијно училиште, како средновековен скрипториум и црковно-училишна општина, што, во суштина, е реална основа за детерминирање на културната и на духовната традиција во Паланечко, просветата и преродбата согледани преку делото на Јоаким Крчовски, со востановувањето на книжнина на народен јазик, што претставува суштинска потрага по корените на националниот и на културниот идентитет споени со развојот на литературниот јазик и образованието и просветата, проследени исцрпно низ дијахрониски пресек во периодот од изминатите двесте години.

– Осоговскиот манастир од периодите на средниот век, па сѐ до денешни дни, мошне активно и благородно ја исполнува својата функција на духовно, просветно и културно жариште. Тоа религиозно средиште на еден голем и значаен култ кон светителот Јоаким Осоговски и денес е вистински културен центар, каде што литератите, филозофите, ликовните уметници и архитектите со својот творечки придонес, а посебно на полето на специјализираното високо образование, на интернационално ниво ги шират славата и угледот на манастирот, но и на културниот и просветниот дух на градот и на регионот. Пред образованието претстојат сериозни предизвици: функционирање во услови на пандемија, на која сè уште не ѝ се гледа крајот, како и долгоочекуваната реформа во образованието, која ќе го направи функционално, ќе му го врати кредибилитетот и ќе стави крај на експериментите. Ниедно истражување, само по себе, не е целосен и заокружен процес, иако трудот ја има таа амбиција. Обемот на истражувањето допира повеќе релации од образованието, но и од општествениот живот. Сето ова не го исцрпува до крај интересот и сознанијата за оваа област, туку напротив, ги исправа пред предизвик  истражувачите што се занимаваат со оваа проблематика. Големиот број настани, личности, дела, биографии и статистички показатели ја дефинираат платформата за нови истражувачки потфати. Нашата училишна историја, духовниот и интелектуалниот подем не се случаен тек на настани, лилчности и идеи, кои се независни едни од други. Напротив, тие се меѓусебно поврзани и секоја од нив е бесценет камен во фундаментот на нашата духовност и на цивилизацискиот развој, како дел од големата културна синтеза на западната цивилизација, рече авторот Михајловски.

Упати благодарност до сите оние што приложиле писмени сведоштва и оние што ги споделиле своите сеќавања преку усни кажувања, со што придонеле за расветлување настани и факти од развојот на кривопаланечкиот образовен систем.