„Авантурите на До” е книга за несовршеното дете До, која преку различни приказни раскажува како тоа се соочува со различностите и како го создава својот свет на пријатели. Книгата беше промовирана вчера во Скопје. Автор на приказната е Билјана Црвенковска, а илустрациите се на Иван Петрушевски.

Идејата за оваа книга доаѓа од маркетинг агенцијата Публицис Македонија, која минатата година прослави 25 години од своето постоење. Оваа иницијатива е дел од глобалната мисија на Публицис групацијата која под своето мото „Viva la Difference” се залага сите во светот да имаат еднакви можности без дискриминација по кој било основ, вклучувајќи пол, раса, социјален статус, сексуална ориентација, националност или религија.

Промотор на книгата беше актерот Сашко Коцев, кој во таа прилика кажа дека станува збор за една интересна и забавна книга која нè учи колку сите ние сме различни, и дека дружењето со различни деца е вистинско богатство со кое се стекнуваме од најрана возраст. Дека правилната едукација во раното детство е од критична важност за поставување во иднина на темелите за концептот на еднаквост и прифаќање на различностите. Односот кон книгата треба да се гради од најмала возраст, а со читање стануваме подобри луѓе, добиваме ширина во карактерот.

Според Александра Дилевска Симова, генерален менаџер на Публицис Македонија и Хрватска, „Авантурите на До”, e детска книга која ја слави различноста, еднаквоста и инклузијата, и која ќе им помогнеме на децата, да разберат и да научат дека различностите се убави, и дека сите сме еднакви, исто вредни и важни.
За Публицис славењето на различностите значи поттикнување убава енергија, иновативност и прогресивност во секое поле на делување. Истовремено спротивставување кон растечката нетолеранција по различни основи, и борба против дискриминацијата и предрасудите во општеството, со цел создавање на поотворен и инклузивен свет.

Издавач на книгата е Бегемот, а „Авантурите на До“ веќе е преведена на неколку јазици и дистрибуирана во канцелариите на Публицис во Адриатик регионот, Полска, и Грција. Наменета е првично за вработените и нивните деца, за клиентите, соработниците и пријателите на Публицис и нивните деца. Во тек е превод и дистрибуција на книгата на неколку други европски јазици.