Германската федерална влада од 1 јуни со нови пакети помош и различни мерки со што сака да го ублажи финансискиот притисок од инфлацијата и последиците од војната во Украина на економијата и граѓаните. Затоа, Владата воведува промени што ќе влијаат на милионите жители во Германија, пишува магазинот Феникс.

Билет од девет евра

Во јуни, јули и во август, сите можат да го користат локалниот и регионалниот превоз низ Германија по поволна цена од девет евра месечно. Продажбата во германските железници, како и бројните транспортни компании, трае веќе неколку дена, а од 1 јуни билетот е девет евра.

Билетот може да се користи месец дена за локален и регионален превоз низ Германија. Намалување ќе има и во јули и во август, но, тогаш ќе биде потребно да се купи нов билет.

Железничката подружница ДБ Регио сака уште на почеток да го зголеми својот капацитет во регионалниот сообраќај за 250 патувања. Дополнителни 50 возови ќе се користат, првенствено, на туристичките линии. Железничката компанија Абелио, исто така, ги зголемува капацитетите на популарните линии.

Гориво

Бензинот, дизелот и природниот гас ќе бидат поевтини, барем од јуни до август. Федералната Влада овие месеци го намалува енергетскиот данок на горивата на минимум дозволеното во Европската Унија.

Според Германскиот генерален автомобилски клуб (АДАЦ), во следните месеци цените би биле:

– литар бензин: околу 35 центи поевтин (30 центи намалување на данокот на енергија плус пет центи заштеда на ДДВ)

– литар дизел: околу 17 центи поевтин (14 центи намалување на данокот на енергија плус три центи заштеда на ДДВ)

– еден мегават час природен гас: 4.54 евра помалку

Меѓутоа, АДАЦ и АЦЕ (Автоклуб Европа) советуваат да не се чека до 1 јуни за полнење гориво. Прво, се очекуваат долги редици, а можно е и бензински пумпи, првите неколку дена од месецот, да го продаваат горивото и понатаму по стара цена, како што го купиле претходниот месец.

Влез во Германија

Од 1 јуни ќе се укине 3G  регулативата за влез во Германија. Бидејќи бројот на заразени со коронавирус и понатаму опаѓа, министерот за здравство Карл Лаутербач тврди дека условите за влез ќе се ублажат за време на летото.

– Ќе го укинеме 3G правилото при влез во земјата до крајот на август, изјави политичарот од СПД за медиумската група Функе.

Од 1 јуни, тие кои се враќаат и оние кои влегуваат во земјата, веќе не мора да докажуваат дека се опоравиле или се тестирале. Дотогаш, според правилото и понатаму се бара 3G доказ за сите лица постари од 12 години.

Греење

Од 1 јуни законот за субвенционирање на трошоците за греење е растеретен, особено за оние кои имаат право на станбен надоместок. Ќе се применува до крајот на мај 2032 година.

Германскиот Бундестаг го усвои предлог законот, со што во услови на зголемени трошоци за греење на корисниците на станбен надоместок, меѓу другото, годинава ќе им се обезбеди и еднократна субвенција за трошоци за греење.

Според нацртот, лицата кои се финансираат според Федералниот закон за помош за обука и Законот за напредна помош за обука, како и приматели на стипендија за стручна обука и надоместоци за обука, ќе имаат право на еднократна финансиска помош.

За оние кои имаат право на станбен надоместок, субвенцијата би требало да изнесува 135 евра (вклучен еден член на домаќинството) или 175 евра (двајца членови на домаќинството), со дополнителни 35 евра за секој дополнителен член на домаќинството. За останатите корисници, субвенцијата би требало да изнесува 115 евра, пишува магазинот Феникс.

Владата на својата веб-страница објави дека околу 710.000 домаќинства земаат станбена поддршка, околу 370.000 лица примаат поддршка според Федералниот закон за помош за обука, околу 75.000 лица примаат поддршка според Законот за помош во усовршување и околу 65.000 лица примаат помош за стручна обука или само обука.

Возачки дозволи од странство

Ако сакате да ви се признае во Германија, возачка дозвола од земја што не е во Европската Унија,  морате да полагате теориски и практичен испит, освен ако државата во прашање нема договор за признавање на нејзините дозволи, како што се Швајцарија, Австралија, САД, Канада.

Возачки дозволи од Велика Британија и од Северна Ирска, Албанија (ако е издадена од 24 јануари 2017 година), Косово (од 1 март 2018 година) и Молдавија се нови на листата од 1 јуни.

Извор: Индекс.хр