Проекција на филм: „Иднината започнува денес“ во МНТ

70

На 19 октомври во 19 часот, на големата сцена во Македонскиот народен театар ќе се прикаже документарниот филм „Иднината започнува денес“.

Филмот претставува ретроспектива на седумнаесетте изминати изданија на Меѓународниот театарски фестивал во Бутринти, Албанија од 2003 година наваму, а воедно и најава за неговото следно издание кое ќе се одржи во јуни следната година. Фестивалот се одржува во локалитетот Бутринти кој е на листата на светски културни наследства на УНЕСКО. Сместен во јужна Албанија недалеку од Саранда, Бутринти зрачи со медитеранска убавина – мешавина на археологија, култура, архитектура и природа.

„Поради кризата предизвикана од пандемијата на корона вирусот, оваа година фестивалот беше откажан, а селектираната програма, помеѓу која е и театарската претстава ‘Отело’ во копродукција на Перипетија Продукција, МНТ и БНП, е префрлена за следната година. Преку прикажување на филмот за богатата фестивалска долгогодишна историја во Скопје, Белград, Тирана и Ѓаково, но и преку истакнување дека театарските професионалци се стремат кон нова посветла иднина која започнува ‘денес’ симболично се означува дека и покрај сите препреки театарот повторно како феникс ќе се издигне од пепелта“, ќе истакне режисерката Нина Николиќ.

Проектот е финансиски поддржан од WBF – Western Balkans Fund, а билетите за настанот се бесплатни и се со ограничен број, а можат да се подигнат на билетарницата на МНТ.