Проект на Археолошкиот музеј: Античка Македонија во Охридскиот регион

262

„Истражување на идентитетот и културните контакти во пограничната област на античка Македонија во регионот на Охридското Езеро“ е целта на проектот на Археолошкиот музеј од Скопје и Карловиот универзитет од Прага кој се реализира веќе трета година. Оваа сезона пак, Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешке Будејовице и Геолошкиот истражувачки центар од Чешка, вршат и геолошки истражувања со кои треба да се реконструира пејзажот, да се истражат климатските промени, како и животните навики на популацијата која го населувала охридскот езерски регион, во кој воедно се појавува и елитата што се погребувала на некрополата кај Требениште, велат од Археолошкиот музеј.

Во првите две истражувања е извршено рекогносцирање на населби и некрополи во Охридско-преспанскиот регион, кои хронолошки припаѓаат на периодот од бронзеното време па сè до потпаѓањето на овој регион под римска власт.

Од истражувањата се добиени значајни археолошки резултати со кои делумно би можело да се реконструира животот во овој регион во минатото.

“Со вклучувањето напредни технологии, се отвораат нови видици и можности со кои би се лоцирале поголем број археолошки локалитети од наведените периоди, би се утврдила нивната евентуална поврзаност и би се докомплетирала сликата за овој доста значаен археолошки регион“, посочуваат од Археолошкиот музеј.

Истражувачите очекуваат да добијат одговори и на прашањата како меѓурегионалната поврзаност и еволуцијата на животната средина влијаеле врз развојот на населбите, како е издвоен идентитетот на елитата во регионот на Охридското Езеро во споредба со ситуацијата во јужна Македонија и Пелагонија, дали е можно да се реконструираат процесите на централизација во регионот симболизирани во основањето на утврдените населби на стратешки места околу езерото итн.