Проектот „СЕГА“ е македонски претставник на Биеналето за архитектура во Венеција

143

Во пропишаниот рок на Конкурсот, во Министерството за култура пристигнаа 2 пријави и тоа за: проектот на Друштвото за проектирање, инженеринг и услуги „Бина архитектура ДООЕЛ“ претставувано од архитектот Бекир Адеми предложен од Националната галерија на Република Северна Македонија и проектот на Благоја Бајковски.

Избраниот проект „СЕГА“ е симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова концептуално открива два аспекти на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура, архепитизирана рамка, асоцијација на куќа, дом и засолниште. Тимот кој ќе го подготви павилјонот е сочинет од архитекти, инженери, графички дизајнери и уметници со различна професионална специјализација и лица со различна етничка провениенција, кои ќе го претставуваат мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија.

Интернационалната изложба на архитектурата во Венеција оваа година ќе се реализира во периодот од 23 мај до 29 ноември и носечка тема е „Како ќе живееме заедно“. Куратор на годинашното издание на Биеналето е Хашим Саркис, архитект и експерт на Универзитетот МИТ во САД.