Проектот за салата „Партизан“ во завршна фаза

102

Изработката на основниот проект за реконструкција на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ („Партизан“), во Карпош 4 е во завршна фаза, а по  неговото финализирање, Агенцијата за млади и спорт ќе ги започне активностите за реконструкција на овој култен спортски објект.

Како што информираат од Општина Карпош, идејното решение подготвено од меѓународната невладина организација „Културно ехо“, го избраа граѓаните.

Денеска, во посета на салата и околниот простор беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

Како резултат на иницијативата на Општина Карпош овој простор е трајно заштитен, и тој сега е во владение на локалната самоуправа, а патем се преземаат активности за што поскоро негово повторно враќање во функција на спортот.

Општина Карпош изврши проверка и на статиката на објектот. Беше констатирано дека салата е во добра статичка состојба и не е потребно нејзино уривање  до темел, туку реконструкција на делови од објектот и инсталациите.

Во целиот овој процес е вклучен и проектантот на салата архитектот Трајко Димитров, кој со своите совети и мислења придонесува овој објект да добие нова вредност.