Продолжува порастот на цената на нафтата

62

Нафтата поевтини во петокот, но се движи кон четврта последователна недела на раст, поттикната од силниот оптимизам за побарувачката, кој ги засенува стравувањата од затегнување на монетарната политика од страна на централните банки и економското забавување, објави Блумберг.

Во петокот глобалниот репер Брент падна за 0,63%, или 0,71 долар, на 111,33 долари за барел.

Цената на американската сорта West Texas Intermediate (WTI) се намали за 0,47%, или 0,53 долари на 111,68 долари за барел, а за седмицата порасна за помалку од 1%. Сепак, сортата е на работ на четврти последователен неделен пораст, што би било најдобра серија на раст од средината на февруари.

Глобалните пазари на производи за гориво се заоструваат, особено во САД, каде што цената на бензинот и дизелот достигна невидени нивоа среде претстојната летна сезона, која вообичаено има многу сообраќај и потрошувачка на гориво. Според прогнозите на Американската автомобилска асоцијација, се очекува патувањето во земјата да се приближи до нивоата што последен пат беа видени пред пандемијата на коронавирус.

Црното злато порасна за речиси 50 отсто оваа година, откако побарувачката закрепна од негативните ефекти на пандемијата и руската инвазија на Украина ги потресе светските пазари. Иако Британија и САД воведоа ембарго за увоз на руска енергија, испораките во Азија се зголемија. Кина бара начини да ги надополни своите стратешки резерви со евтина руска нафта, бидејќи земјата продолжува да се бори со новите епидемии на инфекции со коронавирус.

Во петокот, Пекинг даде нејасни сигнали – додека банките ги намалуваа каматните стапки за да ја поддржат кревката економија, Шангај ги откри првите случаи на новозаразени луѓе надвор од карантин, што покрена прашања дали тоа ќе влијае на укинување на блокадата во градот.