Околу 400 пожарникари, војници и доброволци веќе трет ден го гаснат големиот шумски пожар во приватниот резерват на грчкиот остров Евија. Тие успеаја да ја ограничат огнената стихија, објавија грчките медиуми.

Пожарот се гасне од копно и од воздух со канадери кои се обидуваат да го совладаат огнот во тешко достапниот кањон.

Вкупно 12 канадери, вклучително два италијански и еден од Шпанија, како и 11 хеликоптери денеска ја продолжија акција за гаснење на огнот. Во текот на ноќта испратени се стотина пожарникари, со што нивниот број достигна до 382.

Пожарот што изби во вторникот го опустоши природниот резерват борова шума, а околу 500 жители од областа се евакуирани истиот ден.