„Продолжуваме со промената“ се залага за брзо формирање билатерални комисии со Северна Македонија

204

Зголемена трговска размена со соседите, воспоставување авио-линија Скопје-Софија, изградба на коридорот осум, заеднички културен календар на Бугарија и Северна Македонија е дел од визијата за бугарската надворешна политика на партијата „Продолжуваме со промената“.

На тема Бугарија и Европа, Даниел Лорер експерт за меѓународни односи од „Продолжуваме со промената“, рече дека е важно Бугарија да биде активна во евроатлантската област и во економски и во технолошки проекти. Дискусијата на тема надворешна политика е дел од серијата разговори за изготвување на коалициски договор за управување со земјата меѓу „Продолжуваме со промената“ (ПП), „Демократска Бугарија“ (ДБ), „Има таков народ“ (ИТН) и „БСП за Бугарија“ (БСП), јави БТА.

Визијата на ПП е најмалку да се удвои трговската размена со соседните балкански земји, како и да ги продлабочи трговските, културните и образовните врски со земјите од регионот.

Во однос на Република Северна Македонија, Лорер истакна дека е важно ПП да го задржи добронамерниот тон на преговорите и сите досегашни елементи од преговарачката позиција на Бугарија.

– Пред се, наша желба е за кратко време да започнеме со формирање билатерални комисии, коментира Лаурер.

Меѓу приоритетите ги посочува изградбата на директна авиолинија Софија – Скопје, коридорот број осум, заеднички културен календар, заеднички научни трибини.

Лорер ја нагласи и адаптацијата на учебниците во Северна Македонија, за да исчезне, како што рече,  говорот на омраза од таму, што, според него, е „неминовен услов“.

– Да ја поддржиме нивната интеграција во ЕУ со помош на нашата техничка експертиза, порача Даниел Лаурер од победничката партија на изборите „Продолжуваме со промените“.