Продолжен рокот за поднесување барања за земјоделски субвенции

35

До 30-ти септември земјоделците ќе може да ги поднесуваат бањата за субвенции. Овие дополнителени денови кои ги одобри владата се за сите кои во претходниот рок не успеале навреме да аплицираат за финансиската поддршка. На сметките на земјоделците за 2020 година треба да се најдат скоро 70 милиони евра, без тутунот кој годинава ќе се исплатува од посебна програма.

Сите земјоделци кои во претходниот рок не успеале да поднесат барања за директни плаќања за 2020 година, тоа ќе може да го сторат до 30- ти септември.

Барањата за добивање на финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите на веб страна на Агенцијата. Доколку имаат потреба од помош при изготвувањето на електронските барања, можат да се обратат во Подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Земјоделците треба да проверат дали во апликациите ги пријавиле сите култури кои ги одгледуваат и дали им се впишани сите мерки за кои бараат финансиска поддршка.

Доколку при аплицирањето увидат дека направиле пропуст или пак ако има  потреба од корекција заради не совпаѓање со фактичката состојба, документите може да го повлечат или да ги изменат во рок од 30 дена од денот на пријавувањето.  За директните субвенции на земјоделците за 2020 година на располагање им се скоро 70 милиони евра од кои поголем дел се за сточарите.