Продолжени карантинот и полицискиот час во Грција, дополнителни рестриктивни мерки во Атина

106

Полицискиот час, ограничување на движењето со задолжителното испраќање смс пораки со една од шесте опции, задолжителна употреба на маска, како и забрана за движење меѓу региони, се мерките кои повторно се продолжени во Грција, а од утре наутро земјата е поделена на две зони: жолта и црвена, во кои ќе важат посебни правила и мерки, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите одлуки на грчката Влада, по препораките на Комисијата на епидемиолози, попладнево беа соопштени на редовната прес конференција во Министерството за здравство на Грција.

Заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас објасни дека во двете зони, ќе важат посебни мерки, а во црвената, односно во регионите со зголемена опасност, вклучени се десет делови од Грција меѓу кои и Атина и регионот Атика.

Во оваа зона, полицискиот час е од 18 часот, со исклучок на Атина, каде што е и понатаму ќе биде од 21 часот, а продавниците ќе бидат затворени и ќе работат само со услугите „click away“.

За продавниците за облека, обувки и книжарниците се воведува услугата „click inside “, односно посета на продавница по претходно закажан и одреден термин.

Во црвените зони, од понеделник ќе се отворат и дел од средните училишта (за учениците од 12 до 15 години), а „постарите“ средношколци ќе продолжат со онлајн настава.

Останатиот, поголемиот дел од Грција е во првата група, односно во жолтата зона (под надзор), каде што продавниците ќе продолжат регуларно со работа, но за граѓаните ќе биде задолжително испраќање смс порака и ќе имаат на располагање два часа, а средношколците од понеделник ќе се вратат во училишните клупи.

И за двете зони, освен рестриктивните мерки, остануваат во сила и одлуките што се однесуваат на онлајн предавања за студентите, редовна настава во основните училишта, регуларната работа на градинките, работа од дома или на смени во јавниот и приватниот сектор (доколку е можно), а работата на фризерските и козметички салони, берберниците, центрите за регистрација на возила, кои ќе продолжат да работата како до сега со претходно закажан термин.

Хардаљас истакна дека во зависност од епидемиолошките податоци, региони, периферии, општини, може од жолтата да бидат префрлени во црвената зона и обратно.

Се затвораат продавниците во Атина

Само 11 дена откако беа отворени, продавниците во Атина, како и во останатите девет области што се во црвената зона, од утре ќе бидат затворени и ќе работат само со услугите „click away“ и „click inside“ за продавниците за облека, обувки и книжарите.

Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис, на прес конференцијата објасни дека причината за оваа одлука е да се избегнат гужвите на улиците.

-Гужвите што ги видовме минатиот петок и минатата сабота на централните улици, несомнено предизвикуваат многу голема загриженост, истакна Георгиадис.

За црвените зони, објасни дека продавниците ќе работат, како што беше и во периодот околу божиќните и новогодишните празници, односно со услугата „click away“, подигнување од пред продавница на претходно направена порачка.

Дополнително се воведува и нова услуга „click inside“ што ќе важи само за продавниците за облека и обувки и за книжарниците, односно посета на продавница по претходно закажан и одреден термин и со испратена смс порака за движење и временски период од два часа.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а постепеното олабавување на мерките започна со отворањето на основните училишта и градинките на 11 јануари, една седмица подоцна следеа и продавниците, моловите, трговските центри, фризерските и козметичките салони.

Повторно зголемен бројот на нови случаи на Ковид-19

Во изминатите 24-часа повторно е регистриран зголемен број нови случаи во споредба со изминатите денови, односно 941 новозаразен, додека пак починаа 22 лица.

Професорката епидемиолог и член на надлежната комисија, Вана Папаевангелу на денешната прес конференција објасни дека минатата седмица имало зголемување на просечниот број нови случаи на седмично ниво, а во просек позитивни се 2.3 отсто направените тестови

Говорејќи за областа Атика, рече дека од денешните случаи, 528 се во овој регион, од кои 130 во централниот дел на Атина, додека пак во атинските болници, исполнет е 61 отсто од капацитетите на Одделите за интензивна нега за Ковид-19.

Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани вкупно 155.678 случаи, починаа 5.764 лица

Извор:МИА