Продадени седум од понудените девет градежни парцели во Гевгелија 

374

Општина Гевгелија, минатата година, преку електронско јавно наддавање продаде девет градежни парцели. Отуѓувањето на градежно земјиште е во населбата кај Касарна и Блок 7 во населбата „Караорман“. Парцелите се наменети за изградба на објекти А1- Домување во станбени куќи. Исто така, на продажба беше и една парцела во Блок 14 во Гевгелија наменета за изградба на објект за лесна индустрија.

– Од вкупно понудени на продажба девет градежни парцели по пат на електронско јавно наддавање, оттуѓени се седум на физички или правни лица, од кои 6 градежни парцели наменети за домување во станбени куќи и 1 за лесна индустрија. Најголем интерес на јавното наддавање имаше за градежните парцели во станбената населба „Караорман“ во Гевгелија, каде што за секоја парцела се пријави по 25 понудувачи. Токму и затоа, парцелите на електронското јавно наддавање достигнаа цена од 1.000 до 3.000 денари за квадратен метар. Само една градежна парцела во населбата „Караорман“ беше продадена за 3.000 денари за квадрат. Во станбената населба кај поранешна Касарна за една парцела на електронското јавно наддавање беше постигната цена од 1.100 денари за квадратен метар – велат од општина Гевгелија.

Во текот на 2020 година, преку електронскиот систем на градежно земјиште поднесени се и 17 барања од физички и правни лица за отуѓување на државно градежно земјиште со непосредна спогодба. Поголем дел од барањата се однесувале за оформување на градежна парцела согласно Детален урбанистички план и за отуѓување градежно земјиште врз основа на донесено решение за утврдување на правен статус на бесправен објект. Согласно законските прописи, решени се 14 барања за оттуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба.