„Продадена“ е наслов на новата книга на авторката Патриша Меккормак на македонски. Лакшими е тринаесетгодишно девојче кое заедно со своето семејство живее во мала колиба на планините во Непал.

Иако се очајно сиромашни, животот на Лакшими е убав, среќен и исполнет со едноставни задоволства како прошетки низ планината, играње со нејзината најдобра пријателка и набљудување на момчето за кое е ветена да се омажи кога ќе порасне.

Но кога безмилосниот хималајски монсун ќе ја уништи и онаа малку посеана земја што ја имаат и ќе ги остави без ништо, очувот на Лакшими вели дека таа мора да замине во градот и да помогне во издржување на семејството. Тој ја запознава со гламурозна жена од градот која ветува дека ќе ѝ најде работа како слугинка.

Среќна што ќе може да му помогне на своето семејство, Лакшими го напушта Непал и пристигнува во „Куќата на среќата“ полна со надеж. Но таа многу брзо ќе ја дознае вистината: дека нејзиниот очув ја продал како бело робје директно во водите на проституцијата.