Животната приказна за кошаркарот на Милвоки, Јанис Адетокумбо (26), денес има уште поголема тежина. Пред натурализираниот Грк да стигне до местото каде што е сега, славен и најдобар кошаркар на светот, скиташе по опасните улици во Атина.

Тој изминатата ноќ ја освои титулата во НБА со својот Милвоки, а беше прогласен и за МВП играч, но како дете шетал низ Грција за да најде храна, за да преживее, па им продавал лажни часовници на туристите. Но, освен тоа, морал да бега од расисти кои ја мразеле неговата боја на кожа и неговите африкански корени.

Пред да дојде во НБА во летото 2013 година, ретко кој слушнал за него. Тој играл за аматерска екипа од Грција, Филатликос. Овој тим никогаш не бил емитуван на телевизија, ниту на интернет, па скаутите од НБА морале да побараат некои аматерски видеа од тренингот за да видат за каков играч станува збор.

Што се однесува до неговите родители, Вероника и Чарлс Адетокумбо, се нигериски имигранти кои испловиле од Лагос до Атина во 1991 година. Тие живееле во блоковите на Сеполија. Најстариот син Франсис останал во Нигерија да се грижи за своите баби и дедовци, а нивните четири сина се родени во Грција: Танасис, Јанис, Костас и Алекс.

Сепак, тие никогаш не биле официјално регистрирани – фамилијата Адетокумбо живееле нелегално во Грција, се плашеле од депортација.

  • Кога бевме деца, нашите пријатели добиваа лични карти и пасоши. Ги прашавме родителите зошто не можеме да го сториме тоа, но тие не ни одговараа. Не ни беше дозволено да патуваме, на родителите не им беше дозволено да дадат свое мислење. Беше неверојатно, се присети Јанис неодамна во интервју за „Ел Паис“.

Семејството Адетокумбо живеело во стан од 25 квадратни метри, бидејќи поголем не можеле да си дозволат. Мајка му работела како дадилка и собарка, додека татко му како мајстор.

  • Јанис беше едно од момчињата кои секојдневно ги гледав на улица како се обидува да заработи пари. Тие немаа ништо. Се сеќавам дека имаа само еден пар чевли сите браќа, па се менуваа за да можат да излезат надвор, изјави за „Њујорк Тајмс“ нивниот пријател од соседството, Крис Одоемелам.

Јанис на 12 години им продавал на туристите фалсификувани брендови како чанти, очила за сонце, часовници, ДВД…

  • Ги терав да останат дома, но беа тврдоглави. Сакаа по секоја цена да бидат со мене, да ми помогнат. Ако заработевме 10 евра, бевме пресреќни бидејќи знаевме дека нема да си легнеме гладни, откри Танасис.