Програмските уредници на Младинскиот културен центар денес јавно испратија апел до сите надлежни институции да се охрабрат и да ја завршат својата работа по закон – до крај. На прес-конференцијата, тие одговорија на низа обвинувања што ги упати градоначалничката Данела Арсоска за работата на оваа културна установа, која е под надлежност на Градот, а се поврзани со финансиското работење, кратење на средствата и смена на раководното лице. Од МКЦ посочија:

„Одважете се, и по закон спроведете ги постапките и за ревизија и за именувања. Веќе четврта година сме цел на јавни обвинувања и подметнувања, разни финансиски полиции, ревизии, контроли и судови. Ни ги убивте ќефот и љубовта кон работењето. Истрајавме и ќе истраеме сѐ додека веруваме во правна и правична држава, и само во тоа. Престанете да ни праќате неидентификувани и неовластени лица да ни вршат распити, да ни се врши мобинг и притисок на нашето работно место. Не дозволувајте повеќе секој да ги дискредитира и оцрнува нашите имиња и професионални интегритети. А за почеток: отворете регуларен и фер конкурс за директор на институцијата. Како програмски уредници, со драго срце и полн ентузијазам повторно ќе дадеме сѐ за културата на европско Скопје“, посочија програмските уредници.

Деновиве се одржани и протести под мотото „Сите за МКЦ“ во знак на револт за кратењето на буџетот и смената на в.д. директорот на оваа јавна институција. Истовремено сметаат дека се врши политизација на МКЦ. Тие испратија петиција за поддршка и до Министерството за култура.

Оттаму, пак, посочуваат: „Министерството за култура, согласно со законот, може да изврши вонреден инспекциски надзор во работењето на локална установа од областа на културата. Со оглед на актуелните случувања во МКЦ, даден е налог до Секторот за инспекциски надзор при Министерството за култура, како што е пропишано, да ја спроведе постапката на надзор во Град Скопје за работењето во МКЦ. Во делот на поддршката на програмските активности на МКЦ, Министерството за култура на годишните конкурси ги поддржува настаните и манифестациите на МКЦ кои ги исполнуваат условите на конкурсот, кои се веќе етаблирани, имаат децениска традиција и даваат придонес за квалитетот на културниот живот во градот, во земјата и во регионот“. (Д.Т.)