Програмата за унапредување на крводарителството зголемена за 10 милиони денари

133

Министерството за здравство соопшти дека секоја година изготвува посебна програма за организирање и унапредување на крводарителството во државата, која годинава изнесува 25 милиони денари и е зголемена за 10 милиони денари, во однос на минатата година.

Во рамки на оваа програма, како што се наведува, опфатени се активности кои ги реализира Црвениот крст за континуирана здравствено-воспитна и мотивациска работа меѓу населението; непосредна подготовка на крводарителските акции; изготвување информативен материјал; анкетирање и изготвување списоци на потенцијални дарители на крв; учество на волонтери; евиденција на крводарителските акции, како и доделување признанија на крводарителите.

Дарувањето крв спасува животи и го подобрува здравјето. Дарувањето крв е доброволно, анонимно и бесплатно. Секоја здрава личност на возраст од 18 до 65 години може да биде крводарител. Крв може да дарува и лице под 18 години со дозвола од родителите или законскиот застапник, односно старателот.

Граѓаните кои сакаат да донираат крв, тоа можат да го направат во Институтот за трансфузиона медицина, секој работен ден од 8 до 18 часот и во сабота од 8 до 14 часот. Во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, може да се дарува крв секој работен ден од 10 до 17 часот, а во сабота од 9 до 14 часот. Дарителите можат да даруваат крв на акциите организирани со мобилни екипи, чиј распоред се објавува на веб-страницата на Институтот, истакнуваат од Министерството.

Информации за распоредот на крводарителски акции може да се добијат и на телефонот:
(02)3226-923, локал 125 при Институтот за трансфузиона медицина. Службите за трансфузиона медицина се наоѓаат во кругот на општите и клиничките болници низ градовите во државата, така што граѓаните може да даруваат крв и на тие места.

На 14 јуни, Светскиот Ден на крводарителство, да ја подигнеме свеста за крводарителство, да ја покажеме својата солидарност и човечност грижејки се едни за други. Дарувањето крв е корисно затоа што ќе го проверите и своето здравје, посочуваат од Министерството за здравство.