Прогласена состојба на природна катастрофа:Големи пожари во Чиле, досега четворица загинати

63

Властите во Чиле денеска објавија дека десетици пожари што изгореа на 14.000 хектари земјиште во оваа јужноамериканска земја досега однесоа четири животи.

Владата прогласи состојба на природна катастрофа во областа Биобио а Нубл, а погодена е и областа Ла Арауканија, пренесува Ројтерс.

Министерката за внатрешни работи на Чиле, Каролина Тоха соопшти дека во земјата моментално горат 39 пожари и дека пожарот оштетил стотина куќи.

Претседателот на Чиле, Габријел Бориќ го прекина летниот одмор и замина во областите Биобио и Нубл, кои имаат околу два милиони жители.

Пожарите во најтешко погодените области го попречуваат сообраќајот на автопатите, а временската прогноза не влева оптимизам.

Во Чилан, главниот град на регионот Нубла, денеска беше 38 степени, а во наредните денови се очекуваат силен ветер, кој може уште повеќе да ја отежне ситуацијата за пожарникарите и спасувачите.