Филмови кои ќе ги полнат киносалите во 2020 година

568

Остварувањата кои следуваат се најочекуваните и најнајавуваните остварувања кои ќе го означат филмскиот календар во 2020! Некои од нив можеби ќе станат класици, некои можеби по кратко време ќе се заборават. Но, сепак, веруваме дека во филмската 2020 секој филмски сладокусец ќе најде по некој наслов заради кој ќе ги посети киносалите

Кингсмен 3 (The King’s Man)

Тајната служба повторно e во мисија во „Кингсмен“ – акција-комедија која во кината ќе може да се види од февруари. Во третото продолжение на „Кингсмен“ група на најлоши тирани и криминални умови се собираат да започнат војна во која би загинале милиони луѓе, но еден човек води трка со времето за да ги запре… Режијата е на Метју Ван, а улогите ги толкуваат Ралф Фајнс, Харис Дикинсон, Џимон Хунсон, Гема Артертон, Метју Годе.

Повикот на дивината (The Call of the Wild)

Интересна за целото семејство ќе биде семејната анимација-авантура „Повикот на дивината“ во режија на Крис Сандерс. Филмот е заснован на романот на Џек Лондон и ја раскажува приказната за кучето кое завршува во Алјаска во текот на 1890-тите, борејќи се да преживее во новиот свет и меѓу новите предизвици…

Во филмот, главната ролја е на Харисон Форд, а останатите улоги ги толкуваат Ден Стивенс, Омар Су, Карен Гилан, Бредли Витфорд… Филмот во кината пристигнува во февруари.

Мулан (Mulan)

Мулан е следната хероина на Дизни која ита кон киноблагајните, но за разлика од „Аладин“, „Книга од џунглата“ и „Кралот Лав“, ова делува дека е нешто што може одлично да функционира во играна верзија. Авантурата „Мулан“ е во режија на Ники Каро, улогите ги толкуваат Џифи Лиу, Дони Јен, Џејсон Скот Ли, Џет Ли, а во неа една млада Кинезинка се облекува како машки воин за да го спаси нејзиниот татко. Долгометражниот игран филм е создаден врз основа на анимираниот на Дизни „Мулан“, а е најавен за март 2020.

 Годзила vs Конг (Godzilla vs. Kong)

Режисерот Адам Вингард се докажа со филмовите „The Guest” и „You’re Next”, а тоа е барем некоја гаранција дека големата пресметка помеѓу Годзила и Кинг Конг нема да биде тотален циркус или дека ќе биде барем малку подобар од „Godzilla: King of the Monsters” кој не ја одушеви критиката. Улогите во оваа акција ги толкуваат Мили Боби Браун, Еиза Гонзалес, Александар Скарсгард, Ребека Хол.

Не е време за умирање (No Time To Die)

Новиот Бонд филм има нов режисер, Кери Фукунага (на „Вистински детективи“), а 25-от дел ќе биде последниот филм во кој ќе глуми Даниел Крег. Главниот негативец ќе го игра новопечениот оскаровец, Рами Малек. Филмот, во кината треба да пристигне во април 2020, а во него, на почетокот Бонд веќе не е во активна служба. Сепак, неговиот тивок и повлечен живот е краткотраен, бидејќи неговиот стар пријател Феликс Лејтер од ЦИА се појавува и бара помош, водејќи го Бонд на трагата на мистериозен негативец вооружен со опасна нова технологија…

 Црната вдовица (Black Widow)

Наташа Романова или Црната вдовица една од суперхероите на Марвел ќе добие филм кој ќе ја покаже мегаломанијата на Марвел студиото во нова фаза, а на Скарлет Јохансон ќе ѝ се придружат Дејвид Харбор, Рејчел Вајс, Флоренс Пуг, а можеби и Џереми Рејнер како „Хокај“. Оваа акција-авантура во режија на Кејт Шортланд се очекува да пристигне во мај во кината. Тоа е филм за Наташа Романов и нејзините мисии помеѓу Граѓанска војна (Civil War) и „Бесконечна војна – (Infinity War).

Топ Ган: Маверик (Top Gun: Maverick)

Доволно е да се каже дека фановите чекаа 31 година на продолжението на култниот филм од осумдесеттите години на минатиот век. Том Круз повторно се враќа во улогата на Маверик и е полуд од кога било претходно, па затоа за очекување е неверојатен карамбол со авиони на овој зависник од адреналин. Во филмот, во режија на Џозеф Козински, а кој е продолжение на филмот од 1986, по триесет години стаж како еден од најдобрите пилоти, Пит Мичел е на местото каде припаѓа, работејќи како храбар тест-пилот, избегнувајќи унапредување кое би го приземјило… Останатите улоги ги толкуваат Џенифер Конели, Вал Килмер, Моника Барбаро, Џон Хам. Филмот пристигнува во кината во јуни.

Тенет (Tenet)

Иако сè уште не се знае точно дејството, но новиот филм „Тенет“ на познатиот режисер Кристофер Нолан се очекува во кината на средината на 2020-та. Филмот, жанровски трилер, е опишан како епска акција што се врти околу меѓународна шпионажа, патувањето низ времето и еволуцијата… Во него улогите ги толкуваат Џон Дејвид Вашингтон, Роберт Патисон, Мајкл Кејн, Елизабет Дебики, Арон Тејлор-Џонсон.

Истерувачи на духови: Потоа (Ghostbusters: Afterlife)

Експериментот на истерувачите на духови не се покажа како успешен, но тоа не значи дека холивудското студио нема да се обиде да го земе и последниот долар од носталгичните гледачи. Прашање е само во која мера преживеаните актерски членови на оригиналната екипа ќе се појават во филмот. Филмот е во режија на Џејсон Рајтман, а улогите ги толкуваат Меккена Грејс, Фин Волфхард, Кери Кун, Пол Руд, Логан Ким, Бил Муреј, Дан Акројд. Дејството на филмот, кој се очекува во јули 2020, почнува кога самохрана мајка и нејзините две деца пристигнуваат во мал град и почнуваат да ја откриваат нивната поврзаност со оригиналните Ghostbusters-и, и тајното наследство што го оставил нивниот дедо.

Етерналс (The Eternals)

Ако мислевте дека Марвел спие, не сте во право. Пристигнуваат вселенски херои, со нова авантура-акција во која во главните улоги настапуваат Анџелина Џоли, Селма Хајек, Кумаил Нанџани и Кит Харингтон. „Етерналс“, најавен за ноември 2020, е сага за Етерналите, раса на бесмртни суштества кои живееле на Земјата и ја обликувале нејзината историја и цивилизација. Режијата е на Клое Зао.