Пробиштип ќе добие обновено кино, Спомен парк со повеќе содржини и подновен пат до Стрмош

1017

Општина Пробиштип со финансиска поддршка на Агенцијата за рурален развој ќе реализира три проекти во вредност од 55 милиони денари.

Завршува тендерската постапка за реконструкција на локалниот пат од Пробиштип до село Стрмош во должина од два и пол километри, ќе се реконструира зградата на киното, а ќе се прави и спомен парк.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов вели дека проектот финансиски е поддржан од Агенцијата за рурален развој во висина од 14,5 милиони денари, а финализирањето на тендерот се очекува наредната недела. Од таа агенција финансиска помош ќе пристигне и за уште два проекта, за реконструкција на киното и на Спомен паркот.

– Во Пробиштип во моментов се реализираат повеќе проекти преку донации или средства од централната власт, а како општина со средствата од буџетот ги исплаќаме старите долгови од претходната власт – рече Анастасов.

Тој истакна дека во завршна фаза се тендерските постапки за уште два големи проекти, а средствата повторно пристигнуваат преку Агенцијата за рурален развој.

– До средината на октомври очекувам во градба да биде воведена фирмата, којашто ќе ја реконструира зградата на киното. Проектот ќе чини околу 20 милиони денари, а ќе опфати промена на електрика, систем за греење и ладење, нова опрема, столчиња, со што и овој објект ќе го ставиме во функција – рече Анастасов.

Третиот проект за којшто се обезбедени средства преку оваа агенција е Спомен паркот. Таму предвидени се повеќе содржини, меѓу кои две детски игралишта, амфитеатар, паркинг простор, летниковци и хортикултурно уредување, а вредноста на работите е проценета на околу 20 милиони денари.