Пробиштип се подготвува за манифестацијата „Зелникот на баба“, која има хуманитарен карактер

128

Пробиштип се подготвува за манифестацијата „Зелникот на баба“, што ќе се одржи на 23 март на градскиот плоштад „Свети Гаврил Лесновски“ и ќе понуди богата културно-уметничка програма.

– Упативме покани до 25 града во Македонија, а како што знаете од пред две години оваа манифестација е и од меѓународен карактер, така што и оваа година очекуваме гости од Бугарија и Србија. Тука се и невладините организации на жени од Пробиштип и Злетово, без кои е незамислива манифестацијата. Радува тоа што и за годинашното издание има голем интерес, така што освен од нашата држава ни се јавија и од неколку туристички агенции од Бугарија, изјави Раде Илиевски раководител на Секторот за јавни дејности во Општина Пробиштип.

На лице место на градскиот плоштад се демонстрира како се изработува зеленикот и се пече под вршник, при што посетителите имаат прилика да видат како се прави овој превкусен специјалитет. Воведена се и награди за најетно декорирана маса и за маса која има собрано најмногу средства од продажбата на зелници.

– Воведовме натпревар во брзо сукање, нешто што е посебно интересно. На овој натпревар кој е под надзор на комисија во својство на судии, се натпреваруваат највештите, бидејќи за определен временски рок тие треба да го замесат тестото, тоа да стаса, да се сукаат осум кори, сето тоа да се постави во тава и да се испече. Исто така, воведовме обука во изработка на овој наш македонски специјалитет, на која има демонстрација како се подготвува – рече Илиевски.

Сите зелници се продаваат на парче, а собраните средства се даваат на најзагрозените социјални категории или на болни лица.