При полетувањето ноќта одеднаш стана ден, а целиот хоризонт беше исполнет со жолтеникава светлина од согорувањето на моторите

Ирена Чаушевска-Даниловска, основач и генерален менаџер на ЊуМенс бизнис акцелераторот, eксклузивно за весникот ВЕЧЕР. Таа предводеше група од десет средношколци од Македонија кои имаа десетдневно неверојатно искуство во NASA KENNEDY SPACE центарот во САД

10775

ЊуМенс бизнис акцелераторот во соработка со Амбасадата на САД и Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР, однесоа десет средношколци од два победнички тимови на неверојатно 10-дневно патување во Space Coast, Флорида. Во рамки на нивното победничко патување на NASA Space Apps Challenge – Скопје, во 2022, членовите на тимовите Aerth и Space Eagels го посетија NASA’s Kennedy Space Center, се восхитуваа на технолошките достигнувања што го однеле човекот во вселената и на Месечината, дознаа за новите планови преку NASA Artemis мисијата, се возеа во симулатор за полетувања и имаа можност одблиску да се запознаат со животот на астронаутите на International Space Station. Сето ова ги инспирираше да развиваат идеи како самите тие би можеле да иновираат и да придонесат за унапредување на постојните технологии.

Поаѓање на групата ученици од скопскиот аеродром

Во Македонија натпреварот се организира во Скопје од 2013 година и го води Ирена Чаушевска Даниловска, основач и генерален менаџер на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и лидер на натпреварот NASA Space Apps Challenge – Skopje, Macedonia. Таа за весникот ВЕЧЕР сподели што се видоа и доживеаја учениците и нивниот ментор на Флорида.

 *Само што се вративте од 10-дневно патување во САД. Како се случи ова патување?

– За прв пат на десетото издание на натпреварот „NASA Space Apps Challenge“ во Скопје, во октомври 2022 година два тима заеднички го понесоа првото место, и тоа AERTH составен од средношколци во трета година од средните училишта „Раде Јовчевски-Корчагин“ (Матеј Крстевски и Илин Московски), од „Орце Николов“ (Мирослав Мишовски и Марио Блажевски), и од Математичката Гимназија (Леонид Индов), како и SPACE EAGLES составен од средношколци во четвртата година од „Зеф Љуш Марку“ (Анди Ганиу, Дијар Селами, Кренар Ахмети, Ендрит Шаќири и Јасир Идризи), како и Марко Лазетиќ студент на втора година на Машински факултет кој беше ментор.

Ирена со менторот Марко

Како признание за оваа победа, а и по повод 10-годишнината на натпреварот кај нас, од домашните организатори ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс, со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР, како и домашни спонзори (Фондација ЗАЕВ – Едно општество за сите, Алкалоид АД Скопје, Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС и Фондација Албиз), овие млади луѓе имаа можност да добијат ексклузивно патување во NASA Kennedy Space центарот во Флорида исполнето со многу учење и уникатни нови доживувања. Од страна на глобалните организатори на натпреварот, дополнително тимот AERTH го доби и признанието Honourable Mention на глобално ниво.

 *Што претставува „NASA Space Apps Challenge“, кој го организира?

– „NASA Space Apps Challenge“ е најголемиот хакатон во светот инициран и предводен од страна на NASA (Националната управа на САД за аеронаутика и вселенски истражувања), којшто истовремено се одржува во дури 162 земји, а учесници се средношколци, студенти и млади претприемачи од целиот свет кои се натпреваруваат во решавање на реални проблеми со кои се соочува Земјата и вселената, а кои се зададени од страна на научници и експерти од NASA. Се организира од 2012 година од страна на NASA, а го менаџира Директоратот за Научни истражувања – Дивизија научни истражувања за Земјата, при централата на NASA во Вашингтон, САД. Во 2022 година на светско ниво учествуваа 31.000 млади кои креираа над 3.000 проекти, а од Македонија досега учествувале над 1.500 учесници, од кои во најголем дел средношколци или студенти.

Музеј со авиони

*Со какви идеи и проекти победија овие тимови, што креираа?

– Тимот AERTH креираше решение со чија помош корисниците можат да го следат, но и предвидуваат движењето на Меѓународната Вселенска Станица (International Space Station) во било кој момент во иднината, притоа учејќи многу интересни и значајни факти за силите кои влијаат на нејзината траекторија. За изработка на ова решение, тимот користеше знаења од математика, орбитална механика, физика и програмирање. За да го испробате нивното решение продолжете на нивната веб- страница https://aerthisstracker.study каде и самите може да научите многу во овие области и како истите практично се применети. Нивниот целосен проект е достапен на https://2022.spaceappschallenge.org/…/teams/aerth/project.

Влегување во авион

Тимот SPACE EAGLES, пак, се фокусираше на изработка на интерактивна мобилна апликација и веб страна преку која можат да се истражуваат позициите и големините на кратерите на Месечината направени од земјотреси таканаречени moonquakes, преку податоци добиени од NASA добиени од сеизмички и геофизички податоци прибрани од инструментите кои ги имаат оставено астронаутите од Apollo мисиите. Ова решение ќе биде многу корисно при планирање на следни мисии на Месечината. За да разгледате што направија кликнете на https://www.moonquakes.earth. Нивниот целосен проект е достапен на https://2022.spaceappschallenge.org/challenges/2022-challenges/moonquake-map/teams/space-eagles-yccc/project.

*Со кого остварија средби нашите млади таленти во Флорида и што имаа можност да посетат и видат?

Средба со заменик директорот на NASA Kennedy Space центарот, Келвин Манинг

– За време на патувањето нашите млади таленти имаа можност да се запознаваат и поразговараат со експерти на NASA, како и да гледаат во живо полетување на ракета. Конкретно, тие остварија средба со заменик директорот на NASA Kennedy Space центарот, Келвин Манинг, кој одговараше на прашања и разговараше со Илин, Матеј, Дијар, Кренар, Леонид, Ендрит, Марио, Анди и Мирослав. Манинг се ракуваше со секој од членовите на тимовите Space Eagles и AERTH, лично им ја честиташе победата на NASA Space Apps Challenge – Скопје, Македонија и им додели значка со логото на NASA, што беше огромно признание и поттик за нашите млади таленти. По завршувањето на средбата Заменинг Директорот Келвин Манинг изјави дека членовите на тимовите биле многу добро подготвени и имале одлични прашања, а мене ми се заблагодари за напорите за инспирирање следната генерација на СТЕМ професионалци.

Се запознаа и со младиот проектен научник на NASA, д-р Метју Микенс од NASA Kennedy Space центарот

Членовите на тимовите Aerth и Space Eagels се запознаа и со младиот проектен научник на NASA, д-р Метју Микенс од NASA Kennedy Space центарот, кој работи на лансирање експерименти и технологии за одгледување на растенија во вселената. Тој им раскажа за неговиот кариерен пат, упорноста, критичкото размислување и визијата кои го одвеле од студент, практикант, докторант и вработен во приватен сектор до неговата работа од соништата – Научник во NASA, за што му требале дури 12 години. Метју сега работи како научник за растенија со експертиза во проучувањето на одговорот на растенијата на различни светлосни бранови должини обезбедени од диоди што емитуваат светлина (LED), за што нашите победници беа посебно заинтересирани. Тој е искусен во земјоделство во контролирана средина, како и во креирање на инженерски рецепти за користење на светло при одгледување растенија на Меѓународната Вселенска Станица – ISS со намера истото во блиска иднина да се примени и на Месечината.

Тимовите AERTH и SPACE EAGLES имаа дво-часовна средба и со ветеран од вселенската индустрија Мартин Меклелан, системски инженер за вселенски летови во контролниот центар за лансирање на NASA Space Shuttle мисиите, како дел од United Space Alliance (ULA), а го водел и тимот за деконтаминација на Hubble Space телескопот. Во моментов Мартин е дел од Vaya Space, стартап компанија за хибриден ракетен погон и лансирање SmallSat мали сателити во вселената. Нашите претставници љубопитно поставуваа многу стручни, кариерни и животни прашања и уживаа во разговорот кој го имаа на легендарното пристаниште Port Canaveral. Г-дин Меклелан во неколку наврати повтори дека ние како организатори сме направиле одличен избор што токму овие два тима го понеле првото место на NASA Space Apps Challenge – Скопје, Македонија во 2022 година затоа што покажаа високо познавање на индустријата и ги увери дека ако продолжат така и од Македонија ќе можат да постигнат големи работи во иднина.

*Како изгледаше посетата на NASA Kennedy Space центарот?

Низ посетата на центарот ги водеше Стив Агид, коментатор на полетувања на сите ракети кои полетуваат од NASA Kennedy Space центарот и ветеран на вселенската програма

– Низ посетата на центарот ги водеше Стив Агид, коментатор на полетувања на сите ракети кои полетуваат од NASA Kennedy Space центарот и ветеран на вселенската програма кој меѓу другото работел и на пет од шесте Hubble мисии.

Илин, Кренар, Марио, Матеј, Анди, Ендрит, Леонид, Мирослав, Дијар и Марко од минатогодишните победнички тимови Aerth и Space го посетија паркот на ракетите, се восхитуваа на технолошките достигнувања што го однеле човекот во вселената и на Месечината, а дознаа и за новите планови преку NASA Artemis мисијата, како и за следната станица – Марс.

Дознаа и за новите планови преку NASA Artemis мисијата, како и за следната станица – Марс

Тие имаа можност да ги видат бројните иновации, технологии и решенија за вселенската индустрија кои се многу значајни и за животот на Земјата, како и да се запознаат со предизвиците кои требале да ги надминат инженерите на NASA и на приватните компании за вселенски истражувања од САД. Нашите средношколци имаа можност одблиску да се запознаат и со животот на астронаутите на Меѓународната вселенска станица (International Space Station).

Едни од највпечатливите делови на центарот секако беше можноста да се чекори под огромната Saturn V ракета, позната како Месечевата Ракета која се смета за врвот на инженерството на човекот и на досегашните вселенски патувања со оглед дека се работи за ракета што ги лансираше луѓето на Месечината. Прошетката под овој џин дефинитивно го запира шоуто и ја става во реална перспектива големината и сложеноста на најголемата ракета што некогаш летала низ вселената. Со должина од 111 метри, таа е за 18 метри повисока од Статуата на слободата. Иако вкупно 13 ракети Saturn V беа лансирани помеѓу 1967 и 1972 година, оваа што имавме можност да ја видиме е една од само трите преостанати во САД. Експонатите поставени, пак, покрај ракетата зборуваат за начинот на нејзиното склопување и за повеќе од 400.000 луѓе кои помогнаа во изградбата на оваа масивна машина.

На слично вакво ниво е и можноста да се види вселенскиот брод Atlantis – Американската икона на Space Shuttle програмата, кој се лансирал како ракета, а слетувал како глајдер, пренесувајќи астронаути до вселената и назад во период од 30 години и давајќи значаен придонес во изградбата и животот на астронаутите на Меѓународната Вселенска Станица. Вселенскиот брод Atlantis во NASA Kennedy Space центарот е покажан во позиција на летање како што само астронаутите го виделе во вселената, ротиран е под 43.21 степен со вратите за товар отворени и роботската рака Canadarm испружена како тукушто да се одвоиле од Меѓународната Вселенска Станица. Ова е еден од трите преостанати шатлови кои биле и се вратиле од вселената и се изложени во САД.

Нашите средношколци имаа можност да се возат и во симулаторот за полетувања на ракети кој од хоризонтална положба се исправи вертикално во позиција за полетување додека тие беа седнати во иста позиција како што се и астронаутите при полетување и можеа да ги искусат различните чекори што му претходат на полетувањето, како и да ги почувствуваат огромните вибрации од моторите на ракетата.

Дополнително тие имаа и еднодневна посета на Warbird Air музејот во Тајтусвил, Флорида, каде се сместени дел од најзначајните авиони во светската историја каде многу научија и одлично се забавуваа.

*Дали имавте време за забавни активности? 

– Секако, освен наведените официјални активности учесниците од двата тима имаа имаа можност да ги пробаат водите на Атлантскиот океан, да уживаат во одличното време и игрите на песок, а и да ги научат основите на спортот сурфање на вода, како и да прошетаат низ Орландо и Мајами.

 

*Како Вие како организатори сте задоволни од патувањето и од тоа како се покажаа нашите средношколци? Кои се знаењата потребни да се успее во вселенската индустрија и дали земја како Македонија би можела да се најде на мапата на снабдувачи?

– Многу ми е драго што се решивме да го прифатиме предизвикот и за прв пат да однесеме дури 10 млади луѓе на ова незаборавно патување. Секако нивната бројност предизвика дополнителни организациски и логистички предизвици, но дефинитивно вредеше.

За време на ова патување тие имаа можност да дознаат кои се придружните области на вселенската индустрија за чија реализација можат да конкурираат и иновативни стартап компании и од помали земји како Македонија, како што е изработка на мали сателити и напредна обработка на прибраните податоци, како и многу други можности во областа на електроника и инженерство, па дури и текстилна индустрија.

Тие доаѓаа комплетно спремни на секоја средба и поттикнати од разговорите што ги имаа на средбите, но и сето она што го видоа, континуирано заеднички развиваа идеи како самите тие би можеле да иновираат и да придонесат за унапредување на постојните технологии.

Тие покажаа изразен инстинкт и критичко размислување за препознавање области каде се потребни иновации, како и високо знаење во области како математика, физика, ракетно инженерство, програмирање, за како истото да го направат. Имајќи предвид дека сè уште се многу млади и допрва ќе треба да поминат и низ факултетско образование, верувам дека нивните знаења и афинитети само уште повеќе ќе се зголемат и верувам дека за нив Македонија и светот допрва ќе слушаат.

Мене ми беше задоволство што имав прилика да ги водам на ова патување и да им ги отворам хоризонтите. Советот што им го дадов и што го препознаа како вистински беше дека најдобро за нив и за други млади луѓе од земјата како нив е да размислуваат како од тука можат да креираат производи кои се потребни на вселенската, па и на други високотехнолошки индустрии во делови во кои имаат знаење, но и во Македонија сè уште има постоечки индустриски капацитети кои би можеле да се стават во функција. На ваков начин, наместо одлив на мозоци или конкурентност само со пониска цена, ќе се креираат дома работни места со висока додадена вредност, ќе се заживее домашната индустрија и ќе се зголеми извозот, а наместо одлив на мозоци ќе имаме таканаречено „движење на мозоци – brain circulation“. Тоа значи нашите најистакнати таленти да одат во високоразвиените земји да идентификуваат пазари и производи за кои постои потреба, како и да склучуваат договори за соработки со конкретни клиенти, а потоа да се враќаат тука за да го пренесат стекнатото знаење и да организираат домашни производствени капацитети. На овој пат секако ние како ЊуМенс Бизнис Акцелератор сме спремни да ги поддржиме затоа што контактите посебно со американски и западноевропски компании од вселенската индустрија, како и со NASA и Европската вселенска агенција ни се силна страна.

Сите новости и случувања за можности поврзани со млади во областа на вселенската индустрија ги објавуваме на https://www.facebook.com/NASASpaceAppsMKD и https://www.facebook.com/NewMansBA

*Дали имавте можност да видите ракета и какво е чувството да се биде сведок на нешто такво? Дали можеби запознавте и астронаут?

– Ракетата на Falcon 9 на SpaceX полета 30 минути по полноќ на вториот ден од престојот во САД од полетувалиштето бр. 40 во NASA Kennedy Space центар. Членовите на тимовите AERTH и SPACE EAGLES кои заеднички победија на минатогодишното јубилејно 10 години издание на натпреварот во Скопје, Македонија, имаа можност да гледаат ноќно полетување на ракета од една од позициите одредени за гледање на ракети кога истото е закажано надвор од работното време на NASA Kennedy Space центарот, каде што можеа да се забележат и многу локални љубители на вселенската програма.

Ракетата на себе го носеше инструментот на NASA – National Aeronautics and Space Administration наречен TEMPO од областа Наука за Земјата кој ќе ги мери промените во загадувањето во Северна Америка со висока резолуција на секој час.

Foto: Credit: Walter Scriptunas/Center for Astrophysics | Harvard & Smithsonian

За Матеј Крстески од тимот AERTH, глетката беше неверојатна што никогаш нема да ја заборави. – Тоа што полетувањето беше ноќно претставуваше посебна прилика, затоа што при полетувањето ноќта одеднаш стана ден, а целиот хоризонт беше исполнет со жолтеникава светлина од согорувањето на моторите. Глетката беше неверојатна и никогаш нема да го заборавам тоа чувство и тоа што имав ваква ретка прилика, истакна Матеј. За Дијар Селами од Space Eagles, најголем впечаток му остави звукот од полетувањето кој доцнеше.

Tие имаа прилика да ја видат и запознаат Астронаутката Барбара Морган, која е првата професорка што станала астронаутка и патувала во вселената во 2007 година на Space Shuttle Endeavour на STS-118, и NASA ја смета за првиот „Астронаут Едукатор“

За време на посетата на NASA Kennedy Space центарот која следеше во следните денови тие имаа прилика да ја видат и запознаат Астронаутката Барбара Морган, која е првата професорка што станала астронаутка и патувала во вселената во 2007 година на Space Shuttle Endeavour на STS-118, и NASA ја смета за првиот „Астронаут Едукатор“. Таа и за време на нејзиниот престој на Меѓународната Вселенска Станица, а и потоа одржала бројни предавања за студенти за животот и работата во вселената.

Светлана БЛАЖЕВСКА