При крај изградбата на третата ламела на старскиот дом во Берово, обезбедени нови 10 легла  

56
????????????????????????????????????

Привршуваат активностите за реконструкција на третата ламела во единствениот дом за стари лица на крајниот исток „Д-р Иван Влашки”. Со реконструкцијата се очекува да бидат обезбедени нови легла за корисниците, од целиот источен регион.

– Активностите се реализираат како дел од програмата за социјална заштита и грижата за старите лица. Со реконструкцијата е планирано да се прилагоди простор за сместување на нови 10 корисници, со што Домот за стари ќе добие целина со капацитет од 40 корисници – информира Билјана Каламадевска од Општина Берово.

Средствата за реконструкцијата се во износ од 5,1 милион денари, а истите како што додава се обезбедени од Буџетот на општината и од буџетот на установата.

– По завршувањето со градежните работи ќе се пристапи кон внатрешно уредување и адаптација, за што општина Берово веќе има поднесено концепт проект на Регионалните форуми во заедницата, кои ги спроведува Центарот за развој на источно плански регион и е сериозен конкурент во трката за грант од Швајцарската агенција за развој и соработка СДЦ – додава Каламадевска.

Интересот за користење на услугите на оваа установа секојдневно се зголемува, па според очекувањата на надлежните дополнителниот број на легла веднаш ќе бидат исполнети од лицата кои имаат потреба за згрижување во установата.

Извор:МИА