Пријави за 14 возачи за паркирање на недозволени места

28

Во последната акција на полицијата и „пајак“ службата во Гостивар биле подигнати 11 возила, а 14 сопственици ќе добијат соодветни пријави за паркирање на недозволени места.

По акцијата што се спроведе во саботата вечерта, од Одделението за внатрешни работи во Гостивар најавуваат дека вакви активности ќе има и во наредниот период.
Акцијата започнала во 20 часот на улиците во потесното градско подрачје „Илинденска“, „Браќа Ѓиноски“ и „ЈНА“.

– Со предвидените санкции ќе се соочат возачите и сопствениците на возилата кои ги оставиле возилата на тротоари, во зона на раскрсници и зеленило. Вакви акции ќе се спроведуваат интензивно во наредниов период, а од утре ќе се работи во две смени, од 8 наутро до 20 навечер. За прекршителите нема да има толеранција, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Целта на акциите е да се овозможи нормално и безбедно одвивање на сообраќајот по гостиварските сообраќајници, со оглед дека во изминатиот период е забележана сообраќајна недисциплина. Во зависност од видот на прекршокот, возачите ќе треба да платат глоби во износ од 150 до 300 евра и да ги платат трошоците за подигање на возилото.

Годинава, регистрирани се 150 случаи во кои возила се подигнати поради погрешно паркирање, што е повеќекратно помалку од минатите години.
Во рамки на активностите за спроведување на поголем ред и безбедност во сообраќајот, минатата недела беа одржани состаноци со угостителите кои без одобрение пренамениле тротоари или сообраќајници.