Приштина бара од Тирана да го информира светот дека „Балканот е под закана од Србија“

92

Претседателката на Косово, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти побараа од претседателот на Албанија, Илир Мета неговата земја да се заложи за промовирање на Косово во меѓународните организации во кои таа земја се уште не членува, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението по денешната средба на претседателите на Косово и Албанија во Приштина, каде што денеска престојуваше Мета, се вели дека Османи побарала од него и да се заложи за пренесување на пораката во регионот и во светот дека „Балканот е под закана од Србија“.

Таа исто така нагласила дека нејзината држава е против иницијативата „Отворен Балкан“, заради, според неа, нерамноправниот третман на Косово од страна на меѓународната заедница.

– Претседателката Османи рече дека, заедно со Албанија, двете држави треба да се заложат за пренесување на пораката во регионот и во светот дека Балканот е под закана од агресивната и хегемонистичка политика на Србија. Таа го повтори ставот дека Косово е против идеите во кои земјата не се третира рамноправно со другите, вклучително и иницијативата „Отворен Балкан“, покрената од Албанија заедно со Србија и Северна Македонија, се вели во соопштението од кабинетот на Османи.

Таа нагласила дека „не може да поддржи ниедна иницијатива која може да биде ривал или да го попречува процесот на интегрирање во ЕУ и евроатлантската ориентација на регионот, каде што Србија настојува да ја има главната улога“.

Од службата за информирање на Владата на Косово соопштија дека премиерот Курти на средбата со албанскиот претседател Мета „повтори дека не може да има такви иницијативи (како ‘Отворен Балкан‘) кога Србија е затворена кон Косово, не му ги признава дипломите, личните документи, свидетелствата и царинските печати“.

– Премиерот Курти побара од Албанија да го брани Косово од нападите од Србија во меѓународните организации и институции, посебно таму каде што Косово се уште не е зачленето, се вели во владиното соопштение.

Косовските државни лидери на средбата со претседателот на Албанија, Илир Мета, изјавиле дека „во средиштето на дијалогот со Србија треба да биде единствено признавањето на независноста на Косово“.